ПОВЕЌЕ

    Пензиските фондови ѝ позајмиле на државата речиси две милијарди евра

    Време зa читање: 4 минути

    Најголем дел од парите приватните задолжителни пензиски фондови ги пласираат во државните хартии од вредност. Со тоа ѝ позајмуваат пари на државата, што е сигурен пласман со гарантирани каматни стапки. Податоците што ги анализира Пари покажуваат дека во домашни државни обврзници, трите приватни задолжителни пензиски фондови: КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд и Триглав отворен задолжителен пензиски фонд, заеднички пласирале 1,95 милијарди евра. Вкупниот износ на инвестициското портфолио на трите фонда, пак, е 3,1 милијарда евра, што значи дека врзувањето во домашните државни обврзници опфаќа 62,9 насто од сите други видови инвестирање.

    Пензиските фондови пласираат пари во домашни инструменти, но и во странски. Притоа, исто така купуваат и државни обврзници од други држави.

    Сепак, нашите пензиски фондови повеќе се ориентирани кон пласмани на домашниот пазар. Така, 65,67 насто од инвестициското портфолио на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд е во домашни инструменти, на Сава пензиски фонд – 67,68 насто, а Триглав отворен задолжителен пензиски фонд на домашниот пазар има врзано 68,42 насто од инвестициското портфолио.

    БИТКАТА ЗА ИДНИ ПЕНЗИОНЕРИ СЕ ИСПЛАТИ – се заработуваат милиони евра од управувањето со нивните пари

    ИДНИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ ДОМА ИНВЕСТИРАЛЕ НАД 2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

    Преку трите фонда, идните пензионери преку делот од пензискиот придонес што оди во задолжителните пензиски фондови на домашниот пазар инвестирале нешто малку над 2 милијарди евра.

    Покрај во државните хартии од вредност, има и депозити во банки, инвестиции во акции, како и во инвестициски фондови.

    Извор: МАПАС

    Податоците покажуваат дека најголемо инвестициско портфолио има КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд (1,48 милијарди евра), па овој фонд е и најголемиот финансисер на државни хартии од вредност, т.е. има пласирано 936,6 милиони евра.

    Втор избор на фондовите за пласирање во домашни инструменти им биле акциите и меѓу трите фонда, таму најмногу пари насочил фондот Сава – 27,9 милиони евра.

    На трето место се депозити во домашни банки, а најмaл е пласманот во домашните инвестициски фондови.

    ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ ПРИВАТНИ ПЕНЗИСКИ ФОНДОВИ ПЛИВААТ ВО ПАРИ: Има над три милијарди евра

    ВО ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ НА ДРУГИ ДРЖАВИ ВРЗАНИ СЕ 62 МИЛИОНИ ЕВРА

    Нешто помалку од една третина од инвестициското портфолио на трите пензиски друштва е пласирано во странски инструменти. Во овој случај најмногу се инвестира во акции и удели во инвестициски фондови. Трите пензиски фонда заеднички во странските инвестициски фондови имаат вложено 780,5 милиони евра.

    КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд имаат вложено и во државни хартии од вредност на други земји. Нивниот заеднички пласман е 62 милиони евра. Притоа, КБ има инвестирано во државни обврзници на САД и на Романија, а Сава на САД, Романија и Унгарија.

    Од трите фонда, само фондот Сава купувал странски акции. Така вложил 103 милиони евра, а парите на идните пензионери се врзани со акции на Шел, Сименс, Нестле, Епл….

    Од странските инструменти Триглав го претпочитал вложувањето во инвестициските фондови.

    Извор: МАПАС

    Во странски и домашни инструменти заедно, задолжителниот КБ фонд има инвестициско портфолио од 1,48 милијарди евра. Сава – 1,35 милијарди евра, а Триглав – 275,8 милиони евра.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично