ПОВЕЌЕ

    Николовски: Од почетокот на годината извозот на вино – над 40 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Извозот на вино од почетокот на годинава достигна ниво од над 40 милиони евра. Лани, пак, според вредноста на извозот, Македонија го зазема 13 место во светот. Особено е значајно што се намалува вредноста на извозот на наливно, а се зголемува вредноста на извозот на флаширано вино, нагласи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во изјава по повод Светскиот ден на вранецот.

    Повикот од ИПАРД 3 програмата, кој ги таргетира винариите заврши вчера. Министерот инфомираше дека според утринските информации од надлежните, интересот е огромен и за последниот повик, за последните средства кои се ставени на располагање од ИПАРД 2 програмата, за мерката 3 за набавка на опрема.

    „Има над 50 апликации со вкупна вредност од околу шест милиони евра побарувања токму за апликациите од оваа мерка, но и девет винарии кои до денес имаат конкурирано за инвестиции, што потврдува дека интересот за развојот на секторот и сите политики даваат резултати“, вели Николовски, кој додаде дека до 15 октомври трае и првиот повик од ИПАРД 3 програмата за мерките еден и седум, каде што на располагање има околу 30 милиони евра за инвестиции.

    Како што посочи, инвестиците продолжуваат, сега и согласно стратегијата која првпат годинава се донесе за развој на овој сектор во наредната деценија, при што е точно зацртан правецот – „да го зголемиме извозот на флаширано вино за 50 проценти, да го зголемиме извозот на наливно вино за 10 проценти, да достигнеме четири проценти органско вино, 30 проценти да ја промениме структурата на насадите и многу други мерливи критериуми кон кои што ќе се држиме“. Воедно, се работи на акцискиот план кој точно ќе ги дефинира задачите и обврските на сите чинители во секторот.

    Црногорскиот вицепремиер, кој е и министер за земјоделство, Владимир Јоковиќ, потенцира дека вранецот, кој потекнува од Црна Гора и е меѓу најдобрите сорти вино во светот, најмногу се произведува во земјава, но има потреба од повеќе рекламирање.

    „На балканските простории, се што доаѓа однадвор ни се чини да е подобро, а јас одговорно тврдам дека македонските и црногорските вина се многу подобри од некои други кои се многу познати, а за цените да не зборуваме“, изјави Јоковиќ и додаде дека ова се големи можности за подигнување на нивото на популаризацијата на ова вино, со цел поголемо производство и поголем извоз.

    И на Кинезите им се допаѓа вранецот, рече претставничката на дистрибутерите на виното „Тиквеш“ во Кина, Венг Ша. Затоа ќе се направат големи напори за поголема промоција на ова вино во Кина.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично