ПОВЕЌЕ

    Два нови инвестициски фонда: КБ Публикум – Златен фонд и КБ Публикум-Акции

    Време зa читање: 2 минути

    КБ Публикум – Златен фонд и КБ Публикум-Акции се двата нови отворени инвестициски фонда со кои ќе управува Друштвото за управување со инвестициски фондови КБ Публикум Инвест АД Скопје. Вакво одобрение даде Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија на 100-та седница со која претседаваше Претседателот на КХВ М-р Нора Алити.

    Според инвестициските цели и политики, фондовите се наменети за инвеститори со среднорочен вложувачки хоризонт, над 2 години и умерена толеранција на ризикот, кои сакаат да ги постигнат своите инвестициски цели, диверзифицирајќи го своето портфолио на глобално ниво.

    КБ Публикум – Златен фонд има за цел да обезбеди заштита од девалвација, инфлација или дефлација преку вложување во сопственички хартии од вредност на издавачи во сегментот на производство на инвестициски и индустриски метали или директно преку инвестирање во ЕТФ фондови кои имаат слична инвестициска стратегија, што само по себе не подразбира вложување во благородни метали, односно инвестициско злато и/или негови сурогати, поради што ваквите вложувања се во согласност со Законот за инвестициски фондови.

    КБ Публикум-Акции ќе применува активна стратегија на вложување врз основа на  очекувањата за економскиот циклус и има  за цел да обезбеди широка диверзификација на вложувањата по земји (без географски ограничувања), сектори и валути. Според Проспектот, најголемо учество во имотот на Фондот, ќе имаат сопственички хартии од вредност на издавачи од странство.

    Депозитарна банка и на двата фонда е Комерцијална банка АД Скопје.

    Комисијата за хартии од вредност ги одобри и Статутите и Проспектите на КБ Публикум – Златен фонд и на КБ Публикум-Акции.

    ДУИФ КБ Публикум Инвест АД Скопје, освен со новите два фонда, управува со уште четири отворени инвестициски фондови:

    • Отворен инвестициски фонд КБ ПУБЛИКУМ – БАЛАНСИРАН 
    • Отворен инвестициски фонд КБ ПУБЛИКУМ – ОБВРЗНИЦИ
    • Отворен инвестициски фонд КБ ПУБЛИКУМ – ПАРИЧЕН
    • Отворен инвестициски фонд КБ ПУБЛИКУМ – МБИ 10

    Со КБ Публикум – Златен фонд и КБ Публикум-Акции, во Република Македонија работат вкупно 17 отворени инвестициски фондови.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично