ПОВЕЌЕ

    Компаниите бараат работници кои ќе им работат за плата помала од минималната

    Време зa читање: 4 минути

    Минималната плата од овој месец е зголемена за околу 500 денари и изнесува 14.934 денари. Тоа е најниската сума што еден работодавец кој не сака да го прекрши законот, треба месечно во нето-вредност да му ја исплати на работник со полно работно време. Сепак, според огласите за работа, голем дел од газдите или не знаат, или знаат, но си тераат по свое, па на идните работници како почетна плата им го нудат стариот минималец од 14.500 денари.

    Прелистувањето на огласите објавени на официјалната веб-страница на Агенцијата за вработување открива дека и понатаму за разни професии кои одат со различно ниво на образование се нуди минималец, но стариот, за околу 500 денари помал од законски утврдениот. На пример, плата од 14.500 денари како основна сè уште се нуди за чувар, општ работник, компјутерски администратор, градежен работник, архитект, градежен инженер, аналитичар програмер, пекар… Списокот е долг. Има и такви понудувачи на работа, иако помалку, кои на новиот работник ќе му дадат основна плата еднаква на новата минимална и тоа до денар. На пример, за 14.934 денари месечно се бара инженер.

    Но, има и такви кои минималецот го заокружуваат на 15.000 денари. Тоа го прави компанија која за таа плата вработува кафе-кувар, но и компанија која за ист месечен надоместок сака да вработи машински инженер… Во огласите може да се најдат и подарежливи работодавци. На пример, се бараат возач на комбе за 20.000 денари и комерцијалист за истата плата, обезбедувач на имот и референт за продажба за 18.000 …

    Но тие се исклучително малку. Во новите објавени огласи за работа, сепак доминираат понудите за основна плата еднаква на старата минимална од 14.500 денари. Работодавците се во криза, тоа е јасно, но во пораст е и побарувачката за работа, па веројатно тоа е мотивот за толку ниските понудени плати. Во Агенцијата за вработување заклучно со мај, за кога е последната евиденција се пријавени 121.187 невработени кои активно бараат работа. Од почетокот на годинава бројот на активните баратели на работа е зголемен за околу 17.000. Речиси 12.000 од нив биле вработени и поради кризата останале без работа. Само минатиот месец без работа останале над 3.600 лица.

    Но, понудата на работна сила се зголемува и на друг начин. Во државата се „заглавени“ и илјадници поранешни вработени во други држави кои не можат да стигнат до старите работни места бидејќи за македонските државјани границите на најголемиот дел европски земји се затворени. Тие сè уште чекаат да заминат, но, ако оваа ситуација потрае, не е исклучено да влезат на списокот на невработени во нашата држава. Во понудата на работна сила за домашните работодавци може да се вбројат и илјадници лица кои не се евидентираат како невработени, а секоја година сезонски работат во странство на градилишта, во земјоделство, на брод и друго.

    Директорката на Агенцијата, Билјана Јовановска, неодамна изјави дека ја радува тоа што покрај невработеноста, расте и понудата на работа. Има денови кога се огласуваат и по 8.000 нови работни места, а како што вели таа и во услови на вонредна состојба дневно биле огласувани 4.000 до 5.000. Во текот на вчерашниот ден беа објавени околу 5.000 огласи за вработување. Покрај ниските плати за лицата кои бараат работа, проблем е и тоа што работодавачите сакаат да ги ангажираат на определено време, најчесто на еден до шест месеци. А токму најголемиот број работници кои останаа без работа поради кризата имаа такви договори за работа. Сојузот на синдикатите на Македонија, кој деновиве до идната влада ги испорача своите барања, меѓу другото побара и договорите за работа на определено време со новиот закон за работни односи да бидат исклучок.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично