ПОВЕЌЕ

    Инвестиции во знаење и технологии за посилна македонска економија

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија има потенцијал да стане регионален центар за нови технологии, дигитални услуги и напредно производство, но за тоа, според премиерот Христијан Мицкоски, потребни се инвестиции во знаење, инфраструктура и силно партнерство со европските економии, особено со Германија.

    Токму дигиталната трансформација, технолошкиот развој и модернизацијата на економијата беа во фокусот на Германско-македонскиот бизнис самит што се одржа во Скопје, а на кој учествуваа околу 400 претставници од институциите и бизнис-секторот, како и повеќе од 250 компании од Македонија и Германија.

    Во своето обраќање, Мицкоски порача дека Германија за Македонија претставува многу повеќе од економски партнер.

    „Таа е симбол на индустриска моќ, технолошки развој, дисциплина, иновации и стабилен економски модел кој со децении создава вредност и напредок“, рече премиерот.

    Тој нагласи дека германските компании веќе имаат значајна улога во трансформацијата на македонската економија преку отворање работни места, пренесување технолошко знаење и воведување нови стандарди и корпоративна култура.

    Според Мицкоски, Владата работи на создавање стабилна и предвидлива бизнис-клима, преку намалување на административните бариери, дигитализација на услугите и модернизација на инфраструктурата.

    „Економскиот раст повеќе не може да се темели само на евтина работна сила и традиционални модели на производство. Новата економија бара паметни фабрики, автоматизација, вештачка интелигенција, дигитални платформи и постојано вложување во човечкиот капитал“, изјави Мицкоски.

    Тој додаде дека државата располага со млади, талентирани и амбициозни луѓе, како и со стратешка географска позиција, што според него создава услови Македонија да стане регионален центар за логистика, нови технологии и дигитални услуги.

    Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да вложува во дигитална инфраструктура, модернизација на образованието, дуално образование и развој на ИТ и технички вештини, со цел младите инженери, програмери и иноватори да добијат можност да ја градат својата иднина во земјата, наместо во странство.

    Посебен акцент беше ставен и на поврзувањето меѓу универзитетите и индустријата, поддршката на стартап-компаниите и вложувањата во истражување и развој.

    Од АХК Северна Македонија оценија дека дигитализацијата и вештачката интелигенција веќе стануваат клучен фактор за конкурентноста на економиите. Директорката на АХК, Антје Ванделт, посочи дека токму технолошките иновации ќе бидат двигател на идниот економски развој.

    Германија и понатаму останува еден од најважните економски партнери на Македонија, особено во делот на инвестициите, индустријата и технологијата. Во последните години значително расте и ИКТ секторот, кој веќе учествува со околу 22 проценти во македонскиот извоз.

    Според податоците презентирани на самитот, Македонија во 2025 година извезла ИКТ услуги во вредност од 438 милиони евра, додека увозот изнесувал 197 милиони евра, што покажува стабилен трговски суфицит и растечки потенцијал на секторот.

    Мицкоски оцени дека во време на глобални економски турбуленции, енергетски кризи и технолошки промени, Европа мора да остане економски силна и конкурентна, а Македонија сака да биде дел од таа нова економска архитектура.

    „Нашата порака е јасна – сакаме да бидеме сигурен партнер, стабилна економија и држава што ги поддржува иновациите, технологијата и претприемништвото“, порача премиерот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично