ПОВЕЌЕ

    Македонија со најмал, Косово со најголем раст – проекции на Светска банка за Западен Балкан

    Време зa читање: 2 минути

    Македонија има најнизок економски раст меѓу земјите од Западен Балкан, состојба потврдена лани, а такви се очекувањата и за годинава. Со проекциите за 2025, полоши се предвидувањата единствено за Црна Гора. Светска банка го објави најновиот 21 редовен извештај за овој регион, насловен „Заживување на растот“, во кој за државава е нотирано дека има зголемен буџетски дефицит и инфлација во фаза на намалување.

    Резултатите се толкуваат со влошените економски активности кај главните трговски партнери, најмногу во Германија, како и со неусогласениот раст на платите и продуктивноста. Сепак, се предвидува извесно подобрување. Конкрето, годинава растот би требало да достигне ниво од 2,5, а во 2025 – 2,9 проценти. Тоа, во услови на намалена инфлација, чија стапка за годинава е проектирана на три проценти, а за идната година е пониска, два проценти.

    Во текот на годинава регионот на Западен Балкан ќе има зголемен економски раст, а оптимистички се очекувањата и за 2025, со што постигнувањата би се вратиле на рамништето од пред Ковид-пандемијата. Структурните реформи и натаму остануваат препорака, како основа за земјите од овој простор да успеат во намалувањето на јазот кој ги дели од државите на ЕУ. Сегашното ниво е 40 отсто од европскиот просек.

    Очекувањето за годинаве е дека економската активност на Западен Балкан ќе се зголеми на 3,2 проценти, за 0,2 процентни поени повеќе од проекцијата застапена во претходниот извештај. За 2025 се запишани 3,5 проценти.

    Најголем раст е проектиран за Косово – 3,7% во 2024 и 3,9% во 2025 година. Следува Србија со 3,5 проценти за оваа и 3,8 проценти за идната година. За 2024 најниска е проекцијата за Македонија, а идната година, ако се остварат очекувањата, зад нас ќе остане само Црна Гора со 2,8 проценти.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично