Македонија направи голем скок на најновото рангирање на глобалната сајбер-безбедност. Земјата напредувала за 29 позиции и сега е на 30. место меѓу 155 држави и територии, со освоени 84,17 од можни 100 поени. Резултатот ја става Македонија во групата држави со високо ниво на подготвеност за превенција и справување со сајбер-закани и инциденти. Напредокот го одразува напредокот во регулативата, стандардите и институционалната поставеност. Сепак, техничката подготвеност на институциите и компаниите сè уште заостанува, предупредуваат експертите.
Индексот го изработува естонската Академија за е-управување (e-Governance Academy), а оценувањето се базира на 49 индикатори поделени во 12 области. Не се оценува само дали државата има донесено закони и стратегии, туку и дали постојат институции, механизми и докази дека мерките се применуваат во пракса.
Македонија добила максимални оценки во повеќе сегменти – меѓу нив политиките за сајбер-безбедност, заштитата на критичната информациска инфраструктура, образованието и професионалниот развој, заштитата на личните податоци, одговорот на сајбер-инциденти и борбата против компјутерскиот криминал.
Андоновски: Реформите даваат мерливи резултати
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека скокот на ранг-листата е потврда дека реформите во оваа област веќе даваат конкретни резултати.
„Скокот од 29 позиции е меѓународна потврда дека реформите што ги спроведуваме создаваат конкретни и мерливи резултати. Во изминатиот период воспоставивме појасна институционална одговорност, современа законска рамка и посилни механизми за заштита на критичната инфраструктура и за одговор на сајбер-инциденти“, изјави Андоновски.
Напредокот, според Министерството, доаѓа по низа регулаторни и институционални промени. Меѓу нив се Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, Стратегијата за сајбер-безбедност 2025–2028 и Акцискиот план за нејзино спроведување.
Со новата законска рамка се дефинираат надлежностите на Министерството за дигитална трансформација во областа на безбедноста на мрежните и информациските системи, а се воведуваат и обврски за управување со сајбер-ризици и пријавување на инциденти.

Симеонов: Напредок има, но не во техничката подготвеност
Но, високото место на ранг-листата не значи автоматски дека Македонија е и технички подготвена за сите закани што ги носи дигиталното опкружување.
Филип Симеонов, главен извршен директор на „Тесса Сек“ и долгогодишен експерт за сајбер-безбедност, за Пари оценува дека напредокот пред сè се однесува на воспоставувањето регулатива и стандарди што треба да се следат.
Тој го поздравува напредокот во регулативата, оценувајќи дека тоа е нешто што со години недостасувало и е дел од Стратегијата за сајбер-безбедност донесена во 2025 година, како и од процесот на усогласување со европските барања.
Но, според него, резултатот од индексот не треба да се толкува како доказ дека земјата веќе има висока реална отпорност на сајбер-напади.
„Реално, тоа не нѐ става во ситуација дека сме ние една од подобрите земји и дека имаме висок скор на подготвени држави за сајбер безбедност, затоа што постојано имаме хакерски напади, успешни хакерски напади, постојано имаме крадење на податоци и на информации. Стандардите моментално се воспоставуваат, не се воспоставени“, вели Симеонов.
Како што посочува, законската рамка пропишува што треба да направат институциите за да бидат побезбедни и усогласени со правилата, но останува прашањето колку од тие барања навистина се спроведуваат во техничкиот дел.
„Во моментот, ИСО стандардите се тие кои ги воспоставуваат тие контроли, но сепак, мислам дека сè уште сме на едно ниско ниво во однос на техничкиот дел во исполнување на барањата од законот“, оценува тој.
Сајбер-безбедноста не е трошок, туку инвестиција
Симеонов смета и дека спроведувањето на новата регулатива е поставено со високи барања и создава значителни трошоци и за институциите и за компаниите.
„Мислам дека пребрзо е направена работата во однос на подзаконските акти, не се оди чекор по чекор, туку веднаш се дадени контролите кои генерираат голем трошок. Институциите немаат пари, компаниите немаат толку пари да инвестираат во сајбер безбедност и направени се ригорозни мерки за да се исполни тој закон“, истакнува Симеонов.
Но, додава, во оваа област државата конечно се поместила од место.
„Сепак, мрднавме од мртвата точка од пред две години, го поздравувам тоа и сега треба да се следат и да се спроведуваат законот и подзаконските акти“, наведува Симеонов.
Следниот предизвик, според него, е да се обезбедат пари за градење капацитети и за инвестиции во сајбер-безбедноста.
„Со оглед на тоа колку хакерите заработуваат во светот и колку можат да заработат во нашата држава, дефинитивно треба да се работи на обезбедување на буџет за градење капацитети и на инвестирање во сајбер безбедноста. Се движиме кон дигитализација, но дигитализацијата не оди без сајбер безбедност, затоа што сите наши сервиси и податоци се изложени на интернет“, посочува тој.
Оттука, државата, според Симеонов, треба да им помогне на институциите да ги исполнат новите барања, но и да се обезбедат средства за нивно спроведување.
„Секоја институција има различни барања и различни системи. Сепак, не треба да се зборува за трошок, туку за инвестиција. Верувајте, хакерскиот напад многу повеќе чини отколку самата инвестиција. Од нашето искуство преку помошта на хакираните да се вратат во колосек, сфативме дека пост мортум реакцијата е многу поскапа од превенцијата“, нагласува Симеонов.
Од Министерството најавуваат дека работата продолжува, со фокус на јакнење на националните капацитети, создавање стручен кадар, поголема информираност кај граѓаните и компаниите и продлабочување на меѓународната соработка.
Високото место на ранг-листата е значаен резултат, но вистинскиот тест за сајбер-безбедноста не е само позицијата на индексот, туку колку системот може да издржи кога ќе се случи вистински напад.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








