ПОВЕЌЕ

    ЛАНИ РЕКОРДНИ 1,25 МИЛИЈАРДИ ЕВРА СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ, годинава најавуваат од Владата – уште повеќе

    Време зa читање: 3 минути

    Износ од 1,25 милијарди евра е достигнат минатата година кај странските директни инвестиции. Средствата се базираат на приливите кај меѓукомпанискиот долг, сопственичкиот капитал и реинвестираната добивка. Кај која има намалување во последниот минатогодишен квартал.

    „Во 2024 година вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 1.255 милиони евра, како резултат на нето-приливите кај меѓукомпанискиот долг (за 686 милиони евра), сопственичкиот капитал (313,6 милиони евра) и реинвестираната добивка (255,3 милиони евра)“, информираат од Народната банка.

    Во тие рамки, остварувањата од последното тримесечје се – нето-приливи кај СДИ од 397,5 милиони евра. И тоа, зголемени се нето-приливи врз основа на меѓукомпанискиот долг (296,7 милиони евра), како и инвестициите во сопственичкиот капитал (104,4 милиони евра). Пад има кај реинвестираната добивка, а се работи за сума од 3,6 милиони евра.

    За властите ова е историско постигнување. Како што соопшти министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ова е убедливо највисокиот износ на странски директни инвестиции во историјата на Макдонија. Односно, првпат во историјата надминуваат една милијарда евра. Споредено со 2023 година, зголемени се за повеќе од двојно.

    „Повисоки се за речиси 70 проценти. Притоа е значајно дека растот на СДИ е изразен не само во апсолутни износи, туку и како учество во БДП. Така, во однос на проектираниот БДП за 2024 година, реализираните СДИ изнесуваат 8,1 отсто, што е највисок износ уште од 2007 година. Поконкретно за споредба, во целиот 15-годишен период 2008-2023 година, СДИ ниту еднаш не надминаа 6 проценти од БДП. На овој  начин потврдуваме дека ја менуваме економската слика за државата која со години беше девастирана и покажуваме дека системот се менува и има промени и дека работиме на враќање на довербата во системот и инвестиции, со што годинава државата ќе стане лидер во регионот“, нагласи министерката.

    Како што посочи, гледано по дејности, најголем дел од странските инвестиции се во производството  – 408 милиони евра. Значително ниво на инвестиции е реализирано и во градежништвото, од 211 милиони евра, во услугите 198 милиони евра и кај електричната енергија 142 милиони евра.

    И според премиерот, лидерската позиција е достижна, зашто допрва следат нови инвестиции. А, сите ќе сведочиме на нови-камен темелници.

    „Ние ќе бидеме земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во регионот“, нагласи Христијан Мицкоски. На својот ФБ профил напиша дека растот во последниот квартал „за Македонија и регионот е најдобар економски резултат“.

    Во постот, исто така, вели: „На овој успех се радувам особено затоа што сите знаеме каков економски пустош и запоставеност во секоја област затекнавме. Ќе продолжиме макотрпно да работиме за секој еден граѓанин, и да ја развиваме економијата обезбедувајќи заедничка иднина“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично