ПОВЕЌЕ

    Ковачевски за 30-годишната соработка со Светска банка: Поставени се солидни патеки за побрз економски раст и развој

    Време зa читање: 2 минути

    Триесет години Светска банка е стратешки партнер на државата и го поддржува развојот и напредокот преку реализирани инвестициски проекти во вредност од близу три милијарди долари во различни области, кои директно влијаат врз подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и на економијата, рече премиерот Димитар Ковачевски, во своето обраќање при одбележувањето на тридеценискиот јубилеј од воспоставената соработка.

    „Ова заедничко пријателство, во кое учествуваат државните институции, кои се во рамки на Владата меѓутоа и Народната банка, претставува исклучително важна соработка, пред сѐ, за нашите граѓани, не само поради финансиската поддршка која ја добиваме од Светска банка, туку особено поради трансферот на знаење и експертиза, кои несомнено нѐ водат кон остварување на нашите стратешки цели и вредности“, посочи Ковачевски.

    Како што рече, тековното портфолио е вредно над 400 милиони евра. Се работи за проекти од кои дел веќе се во фаза на реализација, а се од областа на инфраструктурата, зајакнување на конкуренцијата, енергетиката…

    „Нашето долгогодишно партнерство со Банката се рефлектира преку реализација на бројни проекти во делот на патната инфраструктура, изградба на градинки и училишта, развој на патиштата, олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, поврзување на локални патишта, модернизација на земјоделството, унапредување на социјалните услуги, унапредување на основното образование, практично во сите области на нашето живеење“, наведе премиерот, додавајќи дека Светска банка била нашиот најголем партнер и во одредувањето на политиките и мерките за справување со последиците од Ковид-пандемијата, „кога помошта беше повеќе од добредојдена и потребна“, а „истата пракса продолжи и во периодот кога се соочивме и со енергетската криза“.

    Ковачевски наброи дел од многубројните проекти што се реализираат со поддршка од Светска банка, а нагласи дека „листата е многу долга“.

    Заблагодарувајќи се за довербата, премиерот потенцира дека триесетгодишната поддршка на Светска банка „поставува солидни патеки за имплементација на реформи кои водат кон постигнување побрз економски раст и развој, со што се олеснува нашиот пат кон исполнување на нашата зацртана цел, а тоа е приклучувањето во ЕУ“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично