КБ Прво пензиско друштво има нов независен член во Надзорниот одбор. За оваа позиција е избран д-р Кирил Јовановски, редовен професор на Катедрата за финансии при Економскиот факултет во Скопје.
Изборот е направен на Собранието на акционери на друштвото, кога за членови на Надзорниот одбор се реименувани Аленка Жнидаршич Крањц, Јанез Крањц и Анита Бислимовска. Изборот и реизборот добија одобрение од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, а новиот мандат започна на 4 август годинава.
Со промената, на Душица Стевчевска-Србиноска ѝ престана мандатот како независен член на Надзорниот одбор на 3 август.
Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво сега е во состав: Аленка Жнидаршич Крањц, Маја Стевкова Штериева, Јанез Крањц, Анита Бислимовска, Рок Папич и Кирил Јовановски, од кои Папич и Јовановски се независни членови.
Јовановски е професор од областа на финансиите и има долгогодишно искуство во финансискиот сектор. Дипломирал во 2005 година на департманот за финансиски менаџмент, по што професионалната кариера ја започнал во Стопанска банка Скопје, а потоа продолжил во Комерцијална банка во Секторот за кредитирање на стопанството.
Од 2008 година е дел од академската заедница. Во 2013 година е избран за доцент по предметот Лични финансии, во 2018 година за вонреден професор, а во 2023 година за редовен професор на Финансиски пазари и институции, Бихевиористички финансии и Алтернативни инвестиции.
Во текот на професионалната кариера Јовановски бил ангажиран и во повеќе институции и тела поврзани со финансискиот систем. Бил член на одборот на директори на Централниот депозитар за хартии од вредност, Фондот за осигурување на депозити и Македонската берза, а од 2018 година бил избран и за надворешен член на Комисијата за хартии од вредност.
Исто така Јовановски бил и активно вклучен во почетоците на пензиската реформа како лиценциран агент на КБ Прво пензиско друштво.
М.А.
Аналитика








