ПОВЕЌЕ

    ТТК Банка: Каматите, провизиите, курсните разлики… поголеми од очекувањата

    Време зa читање: 3 минути

    Четири милиони евра се инкасирани од каматите, од провизиите и надоместоците 3,2 милиони, а останатите приходи од работењето – 985,6 илјади евра

    Каматите, провизиите, курсните разлики… имаат најголем придонес во позитивното салдо на ТТК Банка за 2022, кое ги надмина остварувањата од претходната година. Успешноста се мери преку профитот, а оваа банка со натфрлување од 36,4 насто, речиси дојде до прагот од еден милион евра. Поточно, добивката од работењето во изминатите 365 дена изнесува 988,9 илјади евра.

    Во основата на овој износ се нето-приходите од камати. Во овој сегмент плановите се надминати за безмалку три проценти, со евидентирани 4,04 милиони евра.

    Што се однесува до провизиите и надоместоците за банкарските услуги, тука нето приходите изнесуваат 3,2 милиони евра. А, зголемувањето од 2,6 проценти споредено со 2021 година, од ТТК го објаснуваат со проширената мрежа банкомати и помасовното користење на картичките, но и на интензивираните активности во секторот стопанство, што се рефлектира во платниот промет. Сето тоа резултирало со надминување на очекувањата. Или, планот за нето приходите од провизии и надоместоци е остварен со 100,6 проценти.

    Најголемото отскокнување од планираното, односно со реализација од 122,6 проценти, е забележано во доменот на курсните разлики. Нето приходите се речиси 229 илјади евра и бележат годишен раст од 26,9 насто, што се должи на зголемениот обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар.

    Највисоки се достигнувањата забележани како останати приходи од работењето985,6 илјади евра. Во однос на претходната 2021 година се зголемени за 96,5 насто, со што кај зацртаниот план има 80-процентна реализација.

    Каде се приходите, тука се и трошоците. Во текот на 2022, ТТК Банка имала оперативни трошоци од 6,08 милиоини евра. Повисоките плати, материјалните и административните расходи, довеле до раст на вкупните трошоци за 8,3 насто, споредено со претходната 2021 година.

    Исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето основа изнесува 1,07 милиони евра. И, како што се посочува во образложението, соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на банкарските пласмани.

    Лани е прокнижена загуба од 228,9 илјади евра, како последица од оштетување на нефинансиските средства. Но, кога овој минус ќе се спореди со останатите позитивни показатели, се согледува дека во годината со големи искушенија и предизвици, управувањето со работата и одлуките на менаџментот ја одржале ТТК Банка на правиот курс.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично