Едно зафрлено село во јужна Италија стана медиумска сензација откако неговиот градоначалник издаде наредба, со која им забранува на жителите да се разболат, според извештајот на Би-Би-Си. Прилично неконвенционалното правило беше донесено во селото Белкастро, кое се наоѓа во јужниот регион на Калабрија, која се смета за еден од најсиромашните региони во земјата.
Градоначалникот Антонио Торчија во својот декрет наведе дека на жителите на Белкастро им е „наредено да избегнуваат заразување со каква било болест за која може да биде потребна итна медицинска помош“.
На жителите им е упатено и предупредување „да не се впуштаат во однесувања кои можат да бидат штетни и да избегнуваат домашни несреќи“.
„Затоа, препорачливо е да не излегувате премногу често или да не патувате или спортувате, наместо тоа да останете во мирување колку што е можно повеќе“, се додава во наредбата.
Иако можеби изгледа како диктаторска пресуда, г-дин Торчија во интервју за локалниот канал за вести објасни дека тоа е „повик за помош“.
„Ова не е само провокација. Наредбата е крик за помош, начин да се насочи центарот на вниманието на неприфатлива ситуација“, рече г-дин Торчија. „Се надевам дека мојата иницијатива ќе ја потресе совеста на некои луѓе, како на политичко, така и на здравствено ниво и што поскоро ќе се преземат неопходните мерки за да се реши оваа несреќна ситуација“, додаде тој.
Имено, ретко населениот регион Калабрија е оставен запоставен поради мешање на мафијата и политичко лошо управување. Како резултат на тоа, здравствениот систем пропадна со затворање на 19 болници од 2009 година во регионот.
За околу 1.200 жители на Белкастро, најблискиот оддел за итни случаи (A&E) е на оддалеченост од 45 км. Ординацијата на лекар на повик за селото е исто така отворена ретко и не нуди покритие за време на викендите, празниците или по работното време. Дополнително, поголемиот дел од јавноста е без здравствена покриеност.
Градоначалникот рече дека доколку не се направат подобрувања, ќе отиде до Јавното обвинителство да поднесе формална жалба. „Од минатиот јуни чекам да се активира здравствената услуга во Белкастро. Но, никој до сега не ми одговори“, додава тој.