ПОВЕЌЕ

    Инфлацијата во САД се искачи на пет проценти

    Време зa читање: 2 минути

    Инфлацијата во Соединетите американски држави се искачи на највисоко ниво од 2008 година, бидејќи најголемата светска економија силно се опоравува од кризата предизвикана од пандемијата со корона вирусот. Индексот на потрошувачките цени достигна стапка од пет проценти во мај, во споредба со 4,2 проценти во април.

    Според американското биро за статистика на трудот, инфлацијата постојано се зголемува од јануари, кога изнесуваше 1,4 проценти. Стравот од зголемувањето на цените во Соединетите американски држави го зафати пазарот, а инвеститорите стравуваат дека “тесните грла” во снабдувањето ќе го зголемат инфлацискиот притисок, а ФЕД ќе ја забави програмата за стимулации. Сепак, вредноста на акциите на американските берзи се искачија на рекордно високо ниво откако инвеститорите сватија дека стимулативните програми нема да исчезнат наскоро.

    Основната инфлација, без да се земат во предвид цените за исхраната и енергијата, се искачи на 3,8 проценти во мај, највисоко ниво од 1992 година. Другите официјални податоци покажаа дека бројот на првични побарувања за надоместоци за невработеност паднаа на најниско ниво од почетокот на пандемијата.

    Цените на половните автомобили и камионите се зголемија за 7,3 проценти од април, што претставува третина од растот на инфлацијата. Цените на користените возила се за 29,7 проценти повисоки отколку пред една година. Цените на енергијата исто така се зголемија, за 28,5 проценти на годишно ниво, додека цената на бензинот е повисока за 56 проценти во споредба со мај 2020 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично