ПОВЕЌЕ

    ИМА ФИРМИ ВО КОИ ПЛАТАТА Е ОКОЛУ 20.000 ЕВРА, „ПАРИ“ открива кои се

    Време зa читање: 4 минути

    Сам човек – сам свој газда! И нормално – голема плата. Пребарувањето на платформата БизнисМрежа.мк покажува дека во ТОП 5 компании со најголеми просечни плати во 2022 година, три фирми се со по еден вработен. Секако, плата за еден вработен не е просечна плата, туку единечна плата. Во овие ТОП 5 компании и преостанатите две компании се со мал бој вработени. Едната со шестмина, другата со тројца  вработени.

    Значи, успех за добро платен бизнис е фирма со малку вработени, или најдобро еден вработен, која ја погодила дејноста, а и многу „коцки и се составиле“. Но, тоа би било само просто гледање на работите.

    Анализата на порталот „Пари“ покажува дека во 2021 година во овие фирми со еден вработен (освен во една) немало еден вработен, туку повеќемина, а лани одеднаш целата работа се префрлила во рацете на еден човек (така барем кажуваат податоците) и тој еден зема огромна плата?! 

    ТОП 5 компаниии со најголеми месечни просечни нето-плати

    Од списокот може да се види дека најголемиот просек не е во енергетиката или во трговијата со гас, па ни во приватните болници, како што би била некоја првична асоцијација за висок просек на плати. Најголемите просеци и поединечни плати се во аптеки, агенции за издавање имот, за приверемени вработувања…

    Аптеката АЛПИ ФАРМ е на врвот од листата со еден вработен кој зема просечна месечна нето-плата од 1.374.259 денари, што е над 22.000 евра. Интерсно е што во 2021 година таму имало 52 вработени со просечна плата од по 5.061 денар?! Компанијата во 2022 година забележила добивка од 84.000 евра, за разлика од многу поскромната добивка од 2021 година од само 7.300 евра. Ланскиот приход и бил 3,2 милиони евра, а во 2021 година парите од прометот со лекови биле околу 850.000 евра.

    Агенцијата за времени вработувања КОНТАКТ БИЗНИС и во двете години има ист број вработени. Шестемина вработени лани земале, во просек, по околу 22.000 евра, што е за 10 проценти помалку отколку во 2021 година. Но, им се намалиле и приходите за 9 проценти – од 2,75 милиони евра во 2021, на 2,5 милиони евра во 2022 година. Наспроти падот на приходите, пак, драматично им се зголемила добивката, за цели 117% – од 38.000 евра на 82.500 евра.

    И ЕЛАН ПРОПЕРТИС си го задржал истиот број вработени и во 2021 и во 2022 година – тројца, а просечната плата има голем скок од дури 60% – од 12.130 на 19.400 евра. Но, приходите во 2022 им биле 1,1 милион евра, што е за 31 процент повеќе отколку во 2021 година, кога изнесувале 870.000 евра. Сепак, им се намалила добивката за 20% – од 248.500 во 2021, на 199.000 евра во 2022 година. Дејноста во која е заведена оваа фирма е „издавање и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот земен под закуп (лизинг)“.

    Друштво за трговија и услуги ЛАКШАРИ МЕНАЏМЕНТ КОМПАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје со приоритетна дејност „управување со недвижен имот со хонорар или врз база на договор“, има еден вработен и тој лани земал месечна плата од 16.500 евра. Една година претходно бил поуспешен и си земал плати по 25.000 евра. Но, од друга страна, му се намалила и добивката – од 14.200 евра на 11.100 евра. Ист пад од 22% има и приходот, кој се намалил од 400.000 евра на 314.000 евра.

    Друштвото за спорт и спортски дејности ФУДБАЛСКИ КЛУБ ШКУПИ 1927 АД Скопје во 2021 година имало 26 вработени со просечна плата од 350 евра. А, лани само еден вработен, и тоа со месечна плата од 11.600 евра. Со еден вработен, за разлика од со 26, има раст на приходите за 77% и раст на добивката за дури 2.095%. Имено, приходите во 2021биле 1,1 милион евра, а во 2022 година 1,97 милиони евра. Додека, пак, добивката во 2021изнесувала скромни 21.000 евра, а во 2022 била 460.000 евра.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично