ПОВЕЌЕ

    „Иднината почнува дома“: Државата и младите да си дадат шанса за развој

    Време зa читање: 4 минути

    Младите и се потребни на државата, а државата и реалниот сектор мора да им овозможат најдобри услови своите кариери да ги градат во својата земја. „Иднината почнува дома“ е проект на ТИРЗ и на Стопанската комора, кој промовира млади визионери, креатори, двигатели на идните промени. Целта е да се стимулираат и поддржат амбициозни, способни млади лица, кои работат посветено и во интерес на државата.

    По десет млади „двигатели на промени“ се номинирани од ТИРЗ и од СКСМ. Тоа се лица кои наследиле или започнале свои бизниси и се покажуваат како успешни во градењето на кариерата. На оваа позитивна листа ќе и се приклучат уште дванаесетмина, со што ќе се дојде до бројката 32, симболично поврзана со годините на независна Македонија.

    Главниот збор во номинацијата на тие 12 го има јавноста, со можност да даде свој предлог на idninadoma.mk. До 10 јануари, на веб-страница на проектот треба да предложат некој што прави позитивна разлика во заедницата и претставува пример за сите – „локален херој, инспиративен едукатор, иновативен претприемач или страстен активист“.

    Засега, на перспективната листа се имињата на: Александра Мишевска – економист и лиценциран брокер, Алексеј Тасиќ – 17-годишен ученик во ПСУ „Јахја Кемал“, Андреа Серафимовски – градежен инженер, Анатол Кутревски – бизнис администрација, Бранко Рафајловски – економски науки, Верица Јовановска – маркетинг менаџер, Ваљдрина Хоџа – економски науки, Драгана Чифлиганец – доктор на правни науки, магистер по маркетинг, Јан Стојановски – 18-годишен ученик во гимназијата „Јахја Кемал“, Кирил Панов – бизнис администрација и финансии, Кирил Коровешовски – магистер по софтверско инженерство, Марија Петрова – архитект, Николија Златевска – 17-годишна средношколка во СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, Роберт Тодоровски – претприемништво, Софија Поп-Јорданова – водечки давател на услуги за ревизија, данок, аутсорсинг, Стефан Поп Ацев – магистер по финансово право, Тони Јанковски – економист, Филип Димитриески – економски науки, менаџмент.

    Истакнувањето на позитивите примери е со цел да ги мотивира, инспирира и охрабри сегашните и идните млади напорно да работат дома, да придонесуваат за општеството, да покажат дека е можно успех да се постигне и на домашниот терен.

    „Ако вашата иднина ја градите тука, тоа ќе биде важно за државата, за локалната заедница од која сте дел, но и за вашите родители и најблиски. Да бидам искрен, тоа е и моја надеж како родител. Го охрабрувам секој од вас да биде активен учесник во оваа иницијатива, прифатете ја можноста да бидете двигатели на промените, да придонесете за напредокот на земјата и самите да ја обликувате сопствената иднина“, им порача на младите надежи претседателот Стево Пендаровски.

    Во актуелните услови, од нив се очекува решителност и пркос.

    „Потребен е поинаков, т.н. out of the box пристап, и исто така дистанцирање од нашето секојдневие кое е преполно со дефетизам и со дневна политика. Ако зборуваме реално, од младите не очекуваме ништо помалку од решителност и пркос кој треба да го демонстрирате секојдневно како контраст на општествената апатија, ендемската корупција и клиентелизмот како лоши симболи на нашето општество“, нагласи претседателот на државата.

    Очекувањата се, вели директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, компаниите и институциите да се вклучат кон иницијативата. И со заеднички сили да се убедат младите луѓе дека иднината навистина почнува дома.

    Кампањата за издвојување на најдобрите, кои делуваат во насока на општото добро, ќе нема крај, тврди Деспотовски: „Ќе трае се додека не ја оствариме целта, а тоа е не кога ќе го запреме трендот на иселување, туку ќе го вратиме и последниот човек кој се иселил од оваа држава“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично