ПОВЕЌЕ

    Групата 68 профитабилни ја предводат три банки, во минус 21 друштво од котираните на Македонска берза

    Време зa читање: 2 минути

    Од компаниите чии хартии од вредност котираат на Македонска берза, минатата година 68 ја завршиле со добивка, а 21 со загуба. Споредбата со претходната 2022 покажува намалување на успешните и зголемување на неуспешните – соодносот бил 73 со 17.

    Иако бројот на компаниите кои работеле со добивка е намален за пет, сепак, нивните заеднички остварувања се повисоки. Според берзанските податоци базирани на неревидираните биланси на успех што котираните друштва ги објавуваат на СЕИ-Нет, успешните компании лани реализирале вкупна добивка од 21.415.423.126 денари или 347,4 милиони евра. Што во однос на 2022 и тогаш забележаните 17.434.911.696 денари (282,8 милиони евра), претставува зголемување од 22,83 проценти.

    Во составот на компаниите чии резултати се со предзнак минус влегуваат пет од услужните дејности, седум работат во областа на индустријата, пет во трговијата, две се од угостителството, а по еден претставник има од банкарството и од земјоделието. Нивната вкупна загуба за 2023 изнесува 1.751.480.738 денари или 28,4 милиони евра. Тоа е за околу седум милиони евра повеќе во споредба со 2022 година, кога се работело за 1.295.896.588 денари, односно над 21 милион евра.

    Финансиските извештаи за 2022 ги објавиле сите котирани друштва, а за минатата година една компанија не одговорила на обврската во предвидениот рок.

    Инаку, во првата петорка со најголема добивка врвот го држат трите банки – Комерцијална со 58,4 милиони евра, Стопанска Скопје со речиси 56,3 милиони евра и НЛБ со близу 52,2 милиони евра. Следуваат „Македонски Телеком“ со добивка за 2023 од 33,7 милиони евра и „Алкалоид“ со околу 25,6 милиони евра.

    Петте најтргувани акции минатата година беа на Комерцијална банка со промет од 25,6 милиони евра, на „Алкалоид“ со 8,3 милиони евра, на НЛБ банка со над пет милиони евра, на „Реплек“ со 3,8 милиони евра и на „Макпетрол“ со годишен промет од 2,6 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично