ПОВЕЌЕ

    Какви инвестиции се гринфилд и браунфилд-инвестициите?

    Време зa читање: 2 минути

    Странските директни инвестиции се инвестиции во кои странски физички или правни лица инвестираат средства во земја која е различна од нивната матична земја. Во зависност од тоа за каков вид на инвестиција станува збор, странските директни инвестиции може да се поделат на два сегменти: гринфилд-инвестиции и браунфилд-инвестиции.

    Што се гринфилд-инвестиции?

    Гринфилд-инвестиција претставува странска директна инвестиција во друга земја каде што странската компанија вложува средства со кои започнува нов проект или прави инвестиција во која започнува од нула и почнува активност или проект кој не постоел претходно. Практично, гринфилд-инвестициите се странски директни инвестиции во кои се инвестира во места кои претходно не биле развиени и се започнува од празно земјиште, а целта е одреден регион економски да се развие.

    Со изградба и развој на новата компанија се ангажираат локални компании за изведувачи, се поттикнуваат нови вработувања, се влијае врз побарувачката на суровини и материјали и со целиот тој процес се поттикнува и развојот на економијата во која се реализира инвестицијата.

    Што се браунфилд-инвестиции?

    За разлика од гринфилд-инвестициите, браунфилд-инвестициите се, исто така, странски директни инвестиции каде што странската компанија вложува во веќе постоечка компанија преку купување или закупување на постоечкиот бизнис и најчесто овде инвестициите се во нова опрема и машини.

    Со ваквите инвестиции се овозможува внес на нови технологии во земјата, запознавање со нови начини на работа за вработените во тие компании и воведување на нови практики, нови знаења и вештини како и имплементација на нови стандарди во работењето, што е особено важно за развојот на компаниите и на домашната економија воопшто.

    Гринфилд и браунфилд-инвестициите се особено значајни и тие се еднакво атрактивни како во земјите во развој така и во развиените земји, бидејќи придобивките од нив се од голема полза како за компаниите така и за целокупната економија и нејзиниот развој.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично