ПОВЕЌЕ

    ГРАЃАНИТЕ ДА ВРАТАТ 3,7 МИЛИОНИ ЕВРА за исплатени пензии што не им следувале

    Време зa читање: 4 минути

    Граѓаните по основа на надомест на штети за извршени претплати на пензии треба да вратат 3,7 милиони евра, открива Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 2020 година. Од овие штети како сомнителни и спорни побарувања се водат исплати на пензии во вкупен износ од 2,6 милиони евра.

    Сепак, државните ревизори нотираат дека за 3,5 проценти се намалиле вкупните побарувања за разлика од претходната 2019 година кога вкупниот износ на побарувања од граѓаните за претплатени пензии изнесува 3,9 милиони евра.

    ,,На оваа позиција се искажуваат побарувањата за штети од граѓани по основ на исплатени пензии на починати корисници, времени пензии, семејни пензии или друг вид на неосновани исплати на пензии“, наведуваат ревизорите.

    Во текот на 2020 година, од страна на одделението за исплата на пензиски примања креирани се 22 предмети за надомест на штети од корисници по основ на повеќе или неосновано исплатени пензии, во вкупен износ од 91,382 евра и искажани се побарувања по основ претплата на пензии во износ од 112,308 евра кои произлегуваат од 2012 година и се однесуваат на дозначени пензии до банките, за кои не е извршен поврат на средствата од трансакциските сметки на починати корисници.

    Фондот доставил писмени барања до банките во 2012 и 2013 година за поврат на средствата, но поради нивно непостапување, податоците ги доставил и до Управата за финансиска полиција. До денот на ревизијата, Фондот нема информации за преземени активности од страна на Управата.

    ,,Утврдените состојби не се во согласност со Законот за ПИО, а континуираното креирање на предмети за штети од граѓани и нискиот процент на наплата на овие побарувања упатува на неизвесност за наплата на истите во наредниот период, со што е овозможена имотна корист на поединци за извршени неосновани исплати на пензии.Одговорните лица на Фондот да преземат активности и контролни мерки за: навремено откривање и постапување по утврдени неосновано исплатени пензии и континуирано преземање на сите потребни правни дејства за наплата на побарувањата по штети“, препорачува ревизорот.

    Ревизорот во извештајот, исто така посочува дека на 91 граѓанин им е укината инвалидската пензија и им ги бараат пензиите назад. Согласно Законот за ПИО, почнувајќи од 2004 година, во услови кога е утврдено постоење на општа или професионална неспособност за работа со право на пензија, предвидена е обврска корисникот на инвалидска или семејна пензија по основ на инвалидност да се јави на задолжителен контролен преглед со кој се потврдува остварено правото. До донесување на решение по задолжителен контролен преглед, кој се врши во рок од една, а најдоцна до две години, на корисникот му се исплаќа времена пензија.

    Имено, сè до конечност на решението на корисникот му се врши исплата на пензија. Во случај кога со конечност на решението ќе се потврди дека кај лицето не постои инвалидност, се изготвуваат пресметки на штети настанати поради неосновани исплати. Согласно податоците од Фондот, во 2019 година за 14 предмети пресметана е штета во износ од 77,284 евра, а во 2020 за 11 предмети се водат спорови во вкупен оспорен износ од 64,536 евра што упатува на неоснован одлив на средства од буџетот на Фондот.

    ,,Од друга страна, со законските решенија не е уредено мирување на работен однос во услови кога е доделена времена инвалидска пензија, поради што осигурениците на кои им се укинува времената пензија, остануваат незаштитени во делот на правата и обврските од работен однос. Ваквите околности значајно ја отежнуваат наплатата на побарувањата по овој основ, особено поради недоволните механизми за присилна наплата со кои располага Фондот и несоодветни законски решенија за обезбедување на исплатените времени пензии“, посочува државниот ревизор.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично