ПОВЕЌЕ

    ЕУ и УНДП ќе ја штитат и развиваат Преспа со два проекти и над 13,7 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Европската унија и УНДП ќе го заштитат еко-системот во Преспанскиот регион со реализација на пакет мерки во вредност од 13,72 милиони евра. Активностите ќе се одвиваат во рамките на два комплементарни проекти – „ЕУ за инфраструктурни подобрувања во регионот на Преспа“ и „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделие и туризам“. На ова ќе се работи до 2027, односно во следните три години.

    Конкретно, ЕУ и УНДП ќе работат на заштита на биодиверзитетот во Преспанското Езеро и на развојот на одржливото земјоделство и туризам. Воедно, ќе се спроведат и поголеми инфраструктурни интервенции за справување со крупниот отпад и отпадните води, како и за подобрување на регионалниот развој.

    „Регионот на Преспанското Езеро е област со исклучителна убавина и извонреден биодиверзитет. Неговиот ранлив еко-систем треба да биде заштитен, додека луѓето кои живеат на бреговите на езерото треба да имаат корист од можностите за одржлив развој“, смета шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, и додава дека програмата „ЕУ за Преспа“ е дизајнирана да го направи токму тоа, преку зголемување на заштитата на регионот, заедно со промоцијата на одржливиот развој за сите. Во таа насока е и финансискиот придонес за изградба на граничниот премин со Грција – „Маркова нога“, што ќе обезбеди поголеми економски можности, експанзија на туристичкиот потенцијал на регионот и поблиски економски врски меѓу заедниците околу езерото.

    „ЕУ за Преспа“ ќе помогне и во справување со загадувањето на водата и почвата, како и за заштита на ендемските видови во Преспанското Eзеро. Со изградба на системите за управување со отпадни води, повеќе од 1.500 жители на шест села ќе имаат пристап до модерни и ефикасни решенија за справување со овој предизвик. Мрежата за собирање цврст отпад ќе се прошири со 11 села и со над 1.100 жители, со што ќе се спречи загадувањето на животната средина со повеќе тони отпад секоја година.

    Со проектите за заштита на ова езеро УНДП повеќе од една деценија се присутни во овој регион.  Резултатите се препознаени глобално, посочи постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Армен Григорјан.

    Проектите од „ЕУ за Преспа“ се финансирани од Европската Унија и делумно од Програмата за развој на ОН, а ќе ги имплементира УНДП во соработка со Општина Ресен, со министерствата за животна средина и за земјоделство, со Царинската управа и со други национални и локални партнери.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично