Цените на нафтата паднаа откако Меѓународната агенција за енергија ИЕА предупреди дека потрошувачката е под притисок од ескалирачката трговска војна, намалувајќи ги добивките поттикнати од податоците за инфлацијата во САД.
Фјучерсите на Брент се тргуваа под 71 долар за барел, по скокот од 2 отсто во средата, најголем во последните две недели. Глобалната понуда на нафта најверојатно ќе ја надмине побарувачката за околу 600.000 барели дневно оваа година, соопшти ИЕА. Слабите изгледи го повторија песимизмот од врвните трговци на големата конференција за нафта и гас во Хјустон.
Суровата нафта доби удар од податоците кои покажуваат дека американските потрошувачки цени се зголемуваат со најбавно темпо во последните четири месеци, иако економистите предвидуваат дека трговската војна, исто така, ќе ги зголеми цените на стоките како храна и облека во наредните месеци. Берзите повторно се лизнаа во четвртокот.
„Сè уште се обидуваме да разбереме како сè ќе се одвива, но очигледно пазарот е многу фокусиран на тоа како ескалацијата на трговските тензии може да влијае на глобалниот економски раст“, рече Торил Босони, шеф на одделот за нафтениот пазар во ИЕА. „Она што го гледаме е невообичаено ниво на несигурност, не само на страната на побарувачката со тарифи и трговски преговори кои се менуваат од ден на ден, туку гледаме и доста несигурност на страната на понудата“, додаде таа, наведувајќи ги санкциите за главните производители.
Суровата нафта падна од највисоко ниво во средината на јануари, бидејќи ризиците од трговската политика на претседателот Доналд Трамп се закануваат на пошироко економско забавување и ја зголемуваат нестабилноста на пошироките пазари, пишува Блумберг.