ПОВЕЌЕ

    БУЏЕТ СТОКМЕН ЗА ИЗБОРИ може да е развоен само за инфлацијата

    Време зa читање: 4 минути

    Не се ни очекуваше поинаков Буџет, бидејќи 2024 е изборна година, па затоа и е креиран за да исполнува желби. Не е спорна потребата од обезбедување пари за поголеми социјални трошења за да се спречи ушто поголем продор на сиромаштијата, но капиталните инвестиции мора да се реални, а не да се најдат на удар уште при првиот ребаланс. Проекцијата не е заснована на реални основи и остава простор за сомнежи во трошењата на парите од даночните обврзници – ова се реакциите на експертите по предложената конструкција на државната каса за идната година, во обем од рекордни 5,5 милијарди евра.

    Предложениот буџет е нереален и не одговара на моменталната криза, оценува професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, во изјава за МИА.

    „Се проектира раст на БДП од 3,4 проценти, што е многу повисоко од сите меѓународни институции. Нашиот Институт, на пример, прогнозира раст од два проценти, а Светска Банка од 2,5 проценти. Инфлацијата, пак, се проектира на 3,6 проценти, што е прениско – нашиот Институт проектира пет проценти инфлација, а Народна банка четири проценти. Дури и да се прифатат овие макроекономски проекции, проекциите за буџетските приходи се превисоки. При номинален раст на БДП од седум проценти (3,4 проценти + 3,6 проценти), се проектира раст на приходите од 10 проценти, што не гледам како може да се случи, кога нема планирано никаква даночна реформа“, укажува Јовановиќ.

    Според него, во услови на криза не доволен предвидениот раст од пет проценти кај социјалните трансфери.

    „Инфлацијата оваа година ќе биде околу 10 проценти, лани беше 14 проценти, десетици илјади луѓе западнаа во сиромаштија поради овие поскапувања, а социјалните трансфери се зголемуваат за само пет проценти. Нема детали за да се види колку ќе се зголемат платите, колку пензиите, колку социјалната помош, но пет проценти е апсолутно премалку и недоволно за да се спречи сиромаштијата да продолжи да расте“, нагласува економскиот експерт.

    И за капиталните расходи планирани на ниво од 733 милиони евра смета дека се нереално проектирани. Вели, тоа е нешто пониско од ланските 800 милиони и забележува – „Македонија не успева да реализира 730 милиони јавни инвестиции во две години, а не пак во една“.

    Освен тоа, економистите посочуваат дека е тешко оствариливо во државната каса да се обезбеди прилив од пет милијарди евра. Тоа претставува зголемување за десет проценти или 454 милиони евра повеќе од годинава. Во услови на проектирана инфлација од 3,6 проценти, тој товар ќе биде претежок за тие од каде што се црпат средства, односно од стопанството. Оттаму, доколку се потфрли на планот на приходите, тоа автоматски ќе значи пробивање на прагот на дефицитот, кој е зацртан на 3,6 проценти или на над половина милијарда евра.

    Исто така, согледувањата на економистите се дека проектираниот Буџет е многу повеќе изборен отколку што е развоен. Во прилог на тоа се укажува на најавеното зголемување на минималната и на платите во администрацијата, што може да се покаже како добар предизборен потег, но лош во поглед на подгревање на инфлаторната стапка.

    Истото предупредување дојде и од Мисијата на ММФ:

    „Одржувајте ги тековните трошоци. Конкретно, Владата и синдикатите имаат клучна улога во унапредувањето на претпазливите политики и одржувањето на потрошувачката на одржливо ниво во пресрет на изборите. Во овој контекст, зголемувањето на платите следната година не треба да го надмине она што е веќе договорено во општиот колективен договор“.

    Економистите се сложуваат во две работи – потребно е проширување во делот на даноците, но и елиминирање на практиката од Буџетот да се одлеваат големи пари за хранење на гломазната администрација, која е ефикасна само за партиите во изборните циклуси, а во меѓувреме претставува големо оптоварување за државата. Во проекцијата, за платите на вработените во јавниот сектор се предвидени над 660 милиони евра, а за двата изборни циклуси обезбедени се вкупно 16 милиони евра.

    „Ако Груевски, со близу 2 милијарди евра помал буџет можеше да троши пари безмилосно, Ковачевски со 5,5 милијарди во 2024 ќе може да троши многу повеќе“, напиша на својот ФБ профил поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично