ПОВЕЌЕ

    БРЗАТА ПРУГА ДО НИШ ЌЕ ЈА ЧЕКАМЕ НА СЛЕП КОЛОСЕК: Возен ред има – возови поретко

    Време зa читање: 4 минути

    Меморандум за изградба на брза пруга од Ниш до Скопје, ќе потпишат денес министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Горан Весиќ, кој и го најави ова случување. Делот што Македонија треба да го реализира е во должина од 50 километри, од границата со Србија до Скопје, поточно од преминот Табановце до главниот град и со железнички крак до аеродромот „Скопје“. А, од другата страна веќе се проектира делницата Ниш – Прешево, долга 135 километри. За потребните средства помош ќе се бара од Европската унија, бидејќи ова е само дел од големиот проект, кој се спроведува во рамките на Отворен Балкан.

    Со ова, земјава би ттебало да фати приклучок кон железничкиот коридор Будимпешта – Белград – Ниш – Скопје. Во перспектива, односно кога ќе се финализира овој проект, релацијата Скопје – Белград ќе се минува за три часа. Или, како што во неколку наврати се посочуваше од српската страна, возовите од Белград до Ниш ќе се движат со брзина од 200 километри на час, а од Ниш до границата со Македонија – од 120 до 160 километри на час.

    Економските очекувања од поврзувањето се огромни, затоа што далечината нема да биде пречка во транспортот. Особено на стоките, затоа што железничкиот е веднаш зад водниот транспорт кој е најефтин. Затоа и е многу важен за земји како нашата, кои немаат излез на море.

    Сепак, од аголот на состојбите на домашниот терен, кои не се моментални, се чини дека Македонија не може да има големи надежи. Затоа што е надвор од колосекот. Барем засега.

    Во 2016 година беа укинати меѓународните возови до Белград и до Солун. Потоа, некое време, македонскиот светоглед, во поглед на железничкиот сообраќај, досегаше само до Приштина. Сега и тоа го нема.

    По ова прашање, на платформата „X“ професорот од Економскиот факултет, Трајко Славески, забележа:

    „Во мртвата трка кон ЕУ со нашиот западен сосед Албанија се изедначивме по уште една работа – останавме без меѓународен железнички сообраќај. Во време кога светот инвестира во брзи пруги, ние спаѓаме во ретките европски држави без железничко поврзување со соседните држави и остатокот од светот.

    Албанија немала што да загуби – никогаш немала меѓународен железнички транспорт. Ние го загубивме тоа што го наследивме од претходните генерации“.

    Домашната железница е заглавена во минусна фаза. Последен во низата случувања е пропаѓањето на пругата на железничкиот мост што попушта, на Црна река кај Стоби. Напукнат е бетонскиот столб, информираа од Македонски железници, а професори од Градежниот факултет извршија увид. Се бара решение за премостување на проблемот.

    Ако е напукнат само столбот на мостот, ќе потрае, но ќе се санира. Пукнатините се поголеми во претпријатијата кои управуваат со железницата. Инфраструктура од југословенско време, стари возови, кои или бавно се движат или застануваат, се загреваат и прегреваат локомотиви, а трпение немаат веќе ниту машиновозачите, кои освен од условите за работа, „страдаат“ и од нередовната исплата на платите. А, кога е се во ред, колку што тоа го дозволуваат околностите, со воз може да се отпатува до Велес, Битола, Кочани, Табановце, Гевгелија, Кичево и Жабени. Па, трпат патниците кои го користат овој вид превоз за да стигнат на училиште или на работното место.

    Што се однесува до едното од двете јавни петпријатија од оваа дејност, ЖРСМ – Транспорт, Владата ќе се обиде да го (под)извлече од долгогодишната криза со акции. Претпријатието ќе издаде хартии од вредност, а Владата како единствен акционер ќе ги купи – 962.913 обични акции за 15,7 милиони евра. Се смета дека на тој начин ќе се обезбедат услови за непречено функционирање на ова акционерско друштво, кое само во првата половина од годинава наталожи загуби од близу 65 милиони евра. Претпријатието брои 941 вработен – седуммина во менаџерскиот тим, 191 во дирекцијата, 450 во влеча на возови, 175 во товарниот и 118 во патничкиот собраќај.

    Во другото претпријатие, ЖРСМ – Инфраструктура, според податоците од нивната веб-страница, кои не се изменети од 31 декември 2020 година, има(ло) 986 вработени. Директорот има шест помошници и еден во „канцеларија на директор“ како што пишува, а најмногу вроботени има во секторот за сообраќај – 196.

    „Ако сакаме да имаме успешен патнички и товарен сообраќај, успешно претпријатие во делот на железниците, мораме да направиме либерализација на железничкиот сообраќај во државата“, рече неодамна министерот за транспорт и врски, кој денес треба да го потпише меморандумот за „забрзување“.

    Дотогаш, со сигурност ќе има само возен ред, за возовите е неизвесно.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично