ПОВЕЌЕ

    Без решителна борба – со економијата ќе сивее и државата

    Време зa читање: 6 минути

    Според јавните настапи, власта и деловната фела се на истата линија, сузбивање на сивата економија. Ефектите ќе се појават кога силите ќе ги здружат и во реалната практика

    Сивата економија во македонското општество се негува со децении. Можеби и несвесно, секој поединец има своја заслуга. Така и дојдовме до податоците од анализата на Стопанската комора: сивата економија изнесува 33,2 отсто, лани се броела со огромни 4,2 милијарди евра, кога државната каса загубила 1,28 милијарди евра кај страната на приходите. Всушност, со години наназад се коментираат состојбите и се зборува за начините за нејзино, барем делумно совладување. Притоа, секогаш констатацијата е иста, за таа борба и за да се постигне забележлив успех, пред се е потребна политичка волја.

    И креаторите на анализата посочуваат дека има владини документи на таа тема, но не и повратни информации за остварените резултати. Затоа и нудат мерки со кои би се водела борбата против „сивото чудовиште“ – поинтензивни инспекциски активности, регулирање на нерегистрираните е-трговци и доставувачи, отворање очи и согледување на пропусти во работењето на менувачниците, сузбивање на практиката да не се издаваат фискални сметки… Со што редовните плаќачи на даноци и сите што се полушни во однос на почитување на законите, би се издигнале над нерамноправната положба во која се наоѓаат.

    Всушност, и авторите на анализата, економистот Зоран Јовановски и даночниот експерт Павле Гацов посочија токму на тоа – во случаите кога во буџетот недостасуваат пари, наместо зголемување на даноците и воведување нови, да се посегне по мерки кои ќе ја редуцираат и формализираат сивата економија. Само на тој начин ќе се намали нејзиното штетно влијание со кое им ја црпи силата на оние кои дејствуваат во чекор со законите, создава нелојална конкуренција, се одразува врз економскиот раст, ги „јаде“ средствата што реално би се слеале во финансиските канали на државата.

    Неформалната економија е мошне сложен феномен, а сивата економија е појава со која не се соочуваме само ние, туку и економски поразвиените земји. Неформалноста има мултидимензионална позадина, причини, форма и ефекти и како таква претставува стратешки приоритет на Владата. Во таа насока изготвен е и Акционен план со активности кои се насочени конкретно кон формализација на он-лине трговијата и намалување на сивата економија. Во оваа борба вклучени се повеќе институции кои заеднички, секоја во рамките на своите надлежности користи различни стратегии и политики за нејзино сузбивање. Управата за јавни приходи спроведувајќи ја даночната политика, е насочена кон јакнење на капацитетите за прибирање даноци, контроли и јакнење на даночниот морал“, велат во изјавата што ја добивме од УЈП, а повод, секако, е документот на Стопанската комора.

    Од Управата посочуваат дека периодов, а во насока на намалување на сивата економија, нивните капацитети се насочени кон Проектот е-фактура. УЈП ќе ја користи со цел намалување на сивата економија.

    Преку овој проект ќе се овозможи да се контролира влезниот и излезниот промет на даночните обврзници, реално искажување на влезниот и излезниот ДДВ, што би значело и елиниминирање  на фиктивни фактури и поголем надзор на работењето на компаниите. Со помош на ММФ и УНДП се работи на модернизација на процесите, уште поголемо зајкнување и подобрување на капацитетите на надворешната контрола, воведување нови методи на контрола со што се создаваат услови за споредбена анализа на пријавените и оданочените приходи на даночните обврзници, како и идентификување и вршење контроли кај даночни обврзници кои не го пријавиле или нецелосно го пријавиле приходот од работењето“, наведуваат од Управата.

    Воедно, додаваат дека е во тек и постапката за модернизација и дигитализација на УЈП, со што преку нови автоматизирани процеси значително ќе се намали човечкиот фактор, а со тоа и субјективноста во процесот на селекција на даночни обврзници за контрола.

    Во стеснување на обрачот и намалување на сивата економија во голема мерка ќе придонесе и контролата за трансферните цени. На намалувањето на сивата економија големо влијание имаат и современите техники за надворешна контрола, а преку модернизацијата и дигитализацијата на системите ќе се овозможи рана детекција на даночни обврзници кои не го пријавиле или нецелосно го пријавиле приходот од работењето. За сите овие појави поврзани со даночна евазија, даночно затајување, сива економија Управата за јавни приходи континуирано соработува не само со институции во државата, туку и со земјите во регионот, бидејќи со овој проблем се соочуваме сите, и потребно е координирано постапување со цел заеднички да ја спречиме, намалиме сивата економија и дел од неформалните бизниси да се формализираат“.

    Во рамките на своите надлежности, информираат од УЈП, од почетокот на годинава па се до крајот на мај извршени се 943 контроли по основ на даноци и 2.230 останати контроли.

    Со цел намалување на неформалната економија, неопходно е координирано делување на сите институции на национална ниво и спроведување на активности кои се насочени кон подобро деловно окружување за основање, раст и развој на компаниите; стимулирање и поддршка на формализацијата на неформалните економски активности, како и јакнење на даночниот морал и намалување на  толеранцијата кон неформалната економија“, порачуваат од УЈП.

    И Владата, исто така, постојано укажува дека сивата економија е „рак“ на општеството, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.

    Сузбивањето на сивата економија не е чекор што може да го направи само една страна, туку сите чинители во општеството, вклучувајќи ги стопанските комори, бизнисмените, граѓаните, но и тие што ги носат одлуките. Ние ќе ги направиме сите потребни активности и ги правиме за сузбивање на сивата економија од аспект на тоа што можеме. Со одредени чекори што се направени состојбите се подобруваат, но далеку сме од тоа што би требало да го направиме. Само ќе потсетам, Програмата Мој ДДВ, во која имаме над 550.000 корисници, во суштина, беше промовирање на еден начин на сузбивање на сивата економија преку мотивирање на луѓето да ги скенираат фискалните сметки или да купуват таму каде што се издаваат фискални сметки. Но, се додека нашето однесување е дека може и без фискална сметка, ние сите заеднички придонесуваме кон сивата економија и затоа велам – да, еве го предлогот на Стопанска комора, секогаш е прифатлив, треба да седнеме реално да видиме колку навистина сме подготвени да се бориме со сивата економија, не само како централна или локална власт, туку како општество“, нагласува Битиќи.

    Од СКСМ укажаа дека во услови на нефункционална правна држава и правосуден систем, нефункционален пазарен модел, единствено врзно ткиво мора да биде економијата. Што ја наметнува потребата сите чинители во општеството да бидат потписници на нов договор за дефинирање на економските приоритети на државата.

    Според јавните настапи, власта и деловната фела се на истата линија. Ефектите ќе се појават кога силите ќе ги здружат и во реалната практика. Дотогаш, и на бизнисите и на државата просторот за маневар се повеќе ќе им се стеснува за сметка на сивата економија.

    Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично