Иновации, инвестиции, засилено присуство и продор на нови пазари низ светот, продажба, вработувања, добивка… Сѐ е исто, единствено бројките што го одразуваат постигнатото се повисоки. „Алкалоид“ секогаш стабилен, со видокруг кој опфаќа континенти, во услови кои никогаш до крај не можат да се предвидат, испорачува завидни резултати, од кои никој не е изненаден. Едноставно, тоа се очекува од најдобрите.
Што сѐ одработиле и постигнале алкалоидовци лани?
Со минатогодишното работење, фармацевтската компанија за 12 проценти ја зголеми единечната нето-добивка, која достигнува износ од 1.702.570 илјади денари или 27,7 милиони евра. Консолидираната нето-добивка за 2024 година е 1.684.020 илјади денари, односно 27,4 милиони евра, со раст од седум насто.
За квалитетот на производите и за довербата на корисниците кажуваат приливите од продажбите. Забележани се вкупни единечни приходи од 13.972.976 илјади денари (227,2 милиони евра). Споредено со 2023 година, направен е исчекор од девет проценти. Во нивната структура доминантни со 96 отсто се приходите реализирани од продажбата на производи и на услуги. Повисоки за 10 проценти од претходната година.
Кај консолидираните приходи зголемувањето е за 15 проценти. А, износот е 19.505.329 илјади денари (над 317 милиони евра). И во таа структура најголемо е учеството – од 97 проценти, на средствата произлезени од продажбите на производи и на услуги, чиј раст е 15-процентен.
Зголемени се и трошоците што ги наметнуваат работните активности. За девет насто се повисоки единечните расходи, при што е евидентиран износ од 12.100.670 илјади денари (196,7 милиони евра). Додека консолидираните расходи изнесуваат 17.566.477 илјади денари (285,6 милиони евра) и имаат раст од 16 насто.
На домашниот пазар „Алкалоид“ ја зголемил продажбата за 17 проценти. Односно, тука се остварени 32 отсто од консолидираните продажби, а на странските пазари – 68 проценти. Консолидираниот извоз е зголемен за 14 насто.
„Компанијата, преку своите застапувања на производите на светски реномирани фармацевтски производители, активно учествува во обезбедувањето најсовремени ретки и специфични терапии, со што како докажан партнер на јавното здравство обезбедува значителна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби“, посочуваат од компанијата.
Гледано според регионите каде што го има овој бренд, податоците велат: во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) 22%, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) – 18%, а на другите пазари еден отсто од вкупните консолидирани продажби.
Притоа, најголемо поместување кај извозните пазари се забележани кај продажбите остварени на Кипар, кои се зголемени за девет пати. Следува Литванија, каде што се зголемувањето е за 2,5 пати. Во Чиле е евидентиран пораст за 92%, во Велика Британија за 62%, во Јордан за 59%, во Грузија за 57%, во Украина за 48%), Португалија за 45%, Монголија за 36%, во Германија – 26%, во Швајцарија – 24%, во Романија и Албанија за 21%, во Ерменија има раст од 18%…
Од странските пазари „Алкалоид“ заработил 12.954.780 илјади денари или 210,6 милиони евра.
Меѓу производите најбарани (26%) биле антибиотиците, кои донеле прилив од 4.903.163 илјади денари (79,7 милиони евра). Всушност, во структурата на консолидираните продажби најголем е уделот на производите од фармација – 91 отсто. Освен антибиотиците, удел имаат ОТЦ препаратите (19%), невролошките препарати (12%), кардиолошките препарати (11%)… Другите три сегменти партиципираат со девет проценти, и тоа: хемија со 2%, козметика со 6% и билкарство со 1%. „Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2023 година. Сегментот фармација бележи раст од 16%, хемија раст од 7%, козметика раст од 5%, а билкарство раст од 6%“, наведуваат од „Алкалоид“.
Значајно е што од сопствените производи се остварени приливи од 14.540.637 илјади денари, односно над 236,4 милиони евра, што претставува високи 77 проценти. Инаку, од фармација се обезбедени 17.217.822 илјади денари (280 милиони евра).
Што се однесува до инвестициите, во 2024 година се вложени 1.435.215 илјади денари или 23,3 милиони евра. Лани заврши, нагласуваат од компанијата, реализацијата на најголемиот инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простор, во што се вложени 19,4 милиони евра. Исто така, се посочува и стратешката инвестиција во ПЦ Козметика.
Минатата година македонската компанија го регистрираше новото друштво во Хрватска – „Алкалоид Фарма Интернационал“ ДОО Загреб. Осмо по ред основано во земјите членки на ЕУ. Потоа, преку докапитализација на ова новоформирано друштво, компанијата купи малцински удел во јужнокорејската истражувачко-развојна компанија Rophibio. Исто така, регистрирано е ново капитално поврзано друштво во Казахстан – „Алкалоид Казахстан“ ДОО, и тоа е првата подружница во Азија, а 26-то по ред капитално поврзано друштво.
Позади овие постигнувања стојат менаџментот и вработените. Во сите активности на „Алкалоид“ се вклучени 3.042 лица, од кои 2.302 се ангажирани на домашен терен, а 740 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство. Минатата година најпосакуваниот работодавач во својата област, вработил 253 лица. Како дел од грижата за вработените, лани им е исплатен регрес за годишен одмор од 40.500 денари, а за новогодишните и божиќните празници – по 37.000 денари.
Како работи „Алкалоид“ така котираат и неговите акции на берзата – постојано се меѓу најбараните и најтргуваните. Во текот на минатата година се движеше во распон од 18.151 до 29.000 денари, со просек од 22.376,45 денари. „Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со друштвото и на генералниот тренд на раст на глобалните и на регионалните берзи“, велат од компанијата. Инаку, на крајот од 2024 акциите биле во сопственост на 5.945 акционери, физички и правни лица. Пазарната капитализација е 40,4 милијарди денари, односно 657 милиони евра.
Во бизнис-планот за годинава, пак, зацртано е инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи во нематеријални средства, исто толкав раст на консолидираните продажби и седумпроцентно зголемување на консолидираниот профит пред оданочување. А, очекувањата на „Алкалоид“ се познати – „да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите“.