ПОВЕЌЕ

    Бајден ќе искористи 50 милиони барели нафта од стратешките резерви

    Време зa читање: 2 минути

    Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот нареди ослободување на 50 милиони барели сурова нафта од стратешките резерви во обид да се намали цената на нафтата и да се намалат трошоците за енергија, во координација со другите големи потрошувачи, вклучувајќи ги Јапонија и Јужна Кореја, повик да се приклучат кон акцијата добија и Кина, Индија и Обединетото Кралство.

    Овој потег е насочен кон глобалните енергетски пазари, но и кон американските гласачи кои се соочуваат со зголемена инфлација и раст на цените. Цената на бензинот во САД е околу 3,40 долари за галон, што е за околу 50 отсто повеќе од цената пред една година, пренесува АП. Веднаш по најавата за ослободување на нафтата од стратешките резерви, цената на нафтата порасна за повеќе од еден процент.

    Бајден се обиде да преобликува голем дел од неговата економска агенда поради инфлацијата, велејќи дека неговиот неодамна усвоен инфраструктурен план од 1.000 милијарди долари ќе го намали притисокот врз цените со тоа што товарниот транспорт ќе го направи поефикасен и поевтин.

    Републиканските претставници ја критикуваа администрацијата на Бајден за инфлацијата, која во октомври ја достигна својата максимална вредност во последните 31 година. Индексот на потрошувачките цени е зголемен за 6,2 отсто во однос на периодот пред 12 месеци, што е највисок годишен раст од 1990 година.

    Стратешките резерви на нафта се чуваат за итни случаи во случај на природни катастрофи, закани по националната безбедност и други ненадејни настани. Резервите се чуваат во пештери долж бреговите на Тексасскиот залив и Луизијана. Резервите содржат околу 605 милиони барели сурова нафта.

    Администрацијата на Бајден верува дека резервите се вистинската алатка за ублажување на проблемите со снабдувањето. Американците трошеле просечно 20,7 милиони барели нафта дневно во текот на септември, според Управата за енергетски информации. Тоа значи дека количината што ќе се ослободи од резервите е доволна за околу два и пол дена дополнителна набавка.

    Министерството за енергетика на САД ќе направи нафта од стратешките резерви достапна на два начина, така што во следните неколку месеци ќе бидат пуштени 32 милиони барели и ќе се вратат на резервите во наредните години, а уште 18 милиони ќе бидат продадени веднаш по одобрувањето на Конгресот, соопшти Белата куќа.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично