Владата ја дополни Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи со дополнителни 22.900.000,00 денари со што вкупниот износ на средствата од дел I на оваа програма наместо 15.000.000,00 денари ќе изнесува 37.900.000,00 денари, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
Со предвидената мерка, се додава во соопштението, ќе им се овозможи на лицата кои нивните месечни приходи во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000,00 денари, да искористат годишен одмор во туристичките центри на Република Северна Македонија, и во исто време да им се помогне на туристичките центри за зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона.
Владата исто така ја усвои Информацијата на Агенцијата за вработување за неискористени финансиски средства во Посебниот фонд за финансирање на мерки за вработување на евидентирани невработени лица, и донесе одлука износот од 100.000.000 денари од неискористените средства да се користат за мерката субвенционирање на плати заради значителниот интерес од страна на невработените лица и работодавачите.
Со обезбедување на дополнителен износ ќе се обезбеди субвенционирање на плата за дополнителни 438 невработени лица, со што бројот на лицата опфатени со оваа мерка ќе изнесува 1.304 лица.