Хотел Тим`с е основан во средината на 90-тите и е меѓу првите приватни хотели во Скопје. Работи како семеен хотел и својата репутација ја гради врз своите просторните соби и апартмани за подолг престој. Со промените во побарувачката и со порастот на бројот на хотели во Скопје, на објектот му е потребна нова внатрешна огранизација, со поголем број на соби, кои би се разликувале во големината и нивото на опременост.
Располагa со 22 соби со вкупен капацитет од 52 гости. Собите се поделени во неколку типа: Standard Room, Premium Room, Junior Suite.
Целосно опремената конференциска сала е со капацитет од 55 гости и сала за состаноци со дополнителни 10 гости.
Енергетската ефикасност како еден од главните дизајнерски насоки, резултира со целосен редизајн на фасадата и инсталација на соларни панели и паметни еколошки системи во внатрешноста на зградата. 40% од енергијата доаѓа од обновливите извори на енергија, со што 10 тони CO2 се испуштаат помалку во атмосферата на годишно ниво, што е еднакво на 600 новозасадени дрва.
Белата фасадна мрежа, дополнета со златни детали на јужната фасада го затскрива предоминантното заоблување на фасадата и истовремено дозволува игра на светло и сенка за време на денот. Ноќе, мрежата блеска во полн сјај, дополнета со прозорските отвори, кои се појавуваат како нежно осветлени контури.
Дизајнерскиот пристап се фокусира кон обединување на различни типови на внимателно избрани материјали, текстури и бои. Дрвените декори, мермерните масички, големите огледала и мебелот дизајниран според потребите заедно со пространоста и светлината креираат чувство на модерен луксуз. Класичниот, но истовремен современ концепт ја акцентира отвореноста и чистината на просторот создавајќи пријатна атмосфера и единствено искуство
Проектот за хотелот е добитник на BIG SEE наградата за ентериерно решение за 2021 година и е во конкуренција за Гранд При наградата во категоријата на објекти за услуга.
Како проектант се јавува Биро60Б, додека за изведбата е одговорна фирмата ТИМ-Инженеринг -Скопје која е присутна повеќе од 20 години на пазарот.