Негативните ефекти кои се појавија со проширување на пандемијата беа почуствувани и од страна на банкарскиот сектор кој доживеа значителен пад во првиот квартал од минатата година. Некои од факторите кои доведоа до намалување на вредноста на акциите на банките се поврзани со стравувањата од пандемијата како и намалување на економските активности што би значело намалување на нивото на кредитирање. Исто така, можната опасност од зголемување на лошите пласмани наметна потреба банките да го зголемат нивото на резервите кое што имаше негативен ефект на нивото на приходи. Ниските каматни стапки се исто така уште една причина која имала негативно влијание на вредноста на банките и нивната профитабилност.
У.С. Банкорп со седиште во Минеаполис (Минесота, САД) е една од банкарските холдинг компании чија акција загуби значителен дел од својата вредност со започнувањето на пандемијата. Согласно податоците објавени на вебстраната на компанијата, У.С. Банкорп има вкупна актива од 540 милијарди долари што ја прави петтата најголема банка во САД според вкупната актива. Компанијата ги нуди своите производи и услуги на 2730 локации во 26 земји и мрежа од над 4400 банкомате со приближно 70 000 вработени. Може да се напомене дека акцијата на оваа компанија е составен дел од портфолиото на компанијата „Беркшир Хатавеј“ која е во сопственост на еден од најпознатите инвеститори Ворен Бафет. Компнијата на Ворен Бафет поседува околу 10 проценти од акциите на У.С. Банкорп.
У.С. Банкорп има пазарна капитализација од 67.3 милијарди долари со над 1.5 милијарди акции достапни за тргување на берзите. Во 2020 година компанијата генерирала приходи во висина од 25.24 милијарди долари додека приходите во 2019 година изнесувале 27.32 милијарди долари. Компанијата редовно исплаќа квартални дивиденди на своите акционери и вкупнмата годишна дивиденда која ја добиле акционерите во 2020 година изнесува 1.68 долари по акција (обична акција). Компанијата има дефинирано стратегија вредна 3 милијарди долари за откуп на сопствени акции во престојниот период.
Највисоката цена во последната декада акцијата на компанијата ја достигнува во месец декември 2019 година кога се искачува до нивото од 60 долари по акција. Со започнување на пандемијата акцијата губи приближно 50 проценти од својата вредност во наредните неколку месеци и во месец април 2020 година се тргува по цена од 31 долар. До крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година, акцијата успева да се искачи до ниво од 46 долари, при што во даден момент се тргува и за цена од 50 долари.
Иако вредност на У.С. Банкорп доживеа значителен пад сепак постојат одредени аспекти поради кои се очекува вредност на акцијата да се зголеми во претстојната година. Најпрво, позитивно влијание би имала можноста за зголемување на приходите која произлегува со нормализирање и зајакнување на економските активности кои би ја зголемиле побарувачката за кредитни производи.
Најавата и плановите на У.С. Банкорп да откупи дел од нејзините акции кои се тргуваат на финансиките пазари може дополнително да ја зголеми цената поради зголеување на побарувачката.
Еден позитивен аспект од пандемијата е забрзаното прифаќање на дигиталните и онлајн решенија за понуда и користење на најразлични производи и услуги од страна на компаниите како и од страна на самите клиенти односно корисници. Не треба да се изостават и напорите на У.С. Банкорп да започне партнерство со некоја финтек компанија со цел осигурување на соодветна технологија за управување со банкарските процеси. Дигитализацијата оди во прилог на плановите на компанијата да го намали бројот на физички локации. Првичните планови за намалување на 15 проценти од експозитурите се променети и У.С. Банкорп ги проширила плановите за затварање на дополнителни 15 проценти од своите експозитури во наредниот период. Се прогнозира дека намалувањето на бројот на експозитури би донеле заштеда во вредност поголема од 100 милиони долари што секако оди во прилог на цената на акциите како и на акционерите доколку овие заштеди се прелеат во добивка.
Дали би инвестирале во акции на некоја позната банкарска корпорација? Дали мислите дека поголем потентицјал за заработка би можел да се очекува од акциите на други финансиски институции.
Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков
Повеќе текстови од авторот, [ тука ]