ПОВЕЌЕ

    Огромен скок: Плаќањата преку интернет растат петпати побрзо од лани

    Време зa читање: 3 минути

    Со цел навремено согледување на движењата кај плаќањата, во услови кога навиките за начинот на извршување на плаќањата се менуваат заради влијанието на пандемијата на КОВИД-19, Народната банка ги обработи податоците од платежната статистика за вториот квартал од 2020 година и ги објавува пред вообичаениот рок за известување на јавноста утврден во календарот за објавување податоци од платежната статистика.

    Во услови на пандемија, плаќањето со платежните картички во трговијата во земјата забележа годишен раст кај бројот и вредноста на остварените трансакции од 7,4% и 17,6%, соодветно. Притоа, евидентен е високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет, кој во вториот квартал од оваа година изнесуваше 169,6% и е петкратно повисок од годишниот раст во истиот квартал од минатaта година (32%). Во однос на користењето на платежните картички на физички места на продажба во вториот квартал од 2020 година беше остварен годишен раст од 4,9%, кој е значително понизок од годишниот раст во истиот квартал од минатата година (19,1%).

     Негативното влијание на пандемијата е изразено кај плаќањата со користење на инструментот кредитни трансфери, кои забележаа годишен пад од 13,3% во однос на бројот и 17,4% во однос на вредноста на трансакциите. Сепак, од започнувањето на корона-кризата па наваму, физичките лица сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери извршени од страна на граѓаните во вториот квартал се зголемил за значителни 42,2% на годишна основа, што е двојно повеќе споредено со годишниот раст во истиот квартал во 2019 година (20,9%). Граѓаните ги извршувале плаќањата најчесто преку компјутер. Поконкретно, кај плаќањата извршени преку компјутер, во вториот квартал од 2020 година се забележува висок годишен раст од 32,9%, кој е скоро двојно повисок од годишниот раст во вториот квартал од минатaта година, кој изнесуваше 14,7%. 

    Исто така, и во вториот квартал од годинава продолжува трендот на зголемена употреба на мобилните телефони за извршување плаќања во земјата. Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон пораснал за значителни 75,1% на годишна основа. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин исто така е повисок од годишниот раст остварен во вториот квартал од минатата година, кој изнесуваше 49,1%. Од друга страна, условите коишто ги наметна пандемијата на КОВИД-19 придонесоа за забрзано менување на навиките на граѓаните во однос на извршувањето кредитни трансфери на хартија, пришто бројот на кредитните трансфери извршени на овој начин забележа голем годишен пад од 24,6% во вториот квартал оваа година, наспроти годишниот раст од 4,1% во истиот квартал во минатата година.

    Менувањето на навиките на граѓаните во услови на ограничено движење заради пандемијата придонесе за импозантен годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 122,6%, како и на кредитните трансфери извршени по електронски пат од 32,2%, во текот на првото полугодие од 2020 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично