Во организација на Државниот завод за ревизија денеска ќе се одржи конференција за затворање на твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Државниот завод за ревизија за вршење на надворешна ревизија“, финансиран од ЕУ на која ќе се претстават проектните резултати, научените лекции и идните предизвици.
Проектот, како што информираат од ДЗР, е со вкупен буџет од 1.400.000 евра и се спроведувал со поддршка од Националниот завод за ревизија на Република Бугарија и Државниот завод за ревизија на Република Хрватска, како помлад партнер.
– Целта на проектот беше понатамошно подобрување на капацитетите и ефикасноста на Државниот завод за ревизија за вршење на ревизија. Проектот се спроведуваше преку четири компоненти: понатамошно зајакнување на ревизорскиот процес согласно меѓународните ревизорски стандарди, јакнење на ревизорските капацитети, добра соработка со Парламентот, подобрување на системите за ИТ комуникација и за управување со човечки ресурси, појаснуваат од ДЗР.
Извор: МИА