Демонстрантите во Тирана синоќа повторно побараа оставка од албанскиот премиер Еди Рама. Тие се собраа пред седиштето на владата, а потоа маршираа низ главниот град. За деновите на викендот, 28 и 29 ноември е најавен дводневен протест со учество на албанската дијаспора. Студентите најавија дека во сабота ќе се соберат кај Политехничкиот универзитет и ќе маршираат до Министерството за образование.
Протестите почнаа кон крајот на мај поради планот за луксузен туристички комплекс на полуостровот Звернец, кај лагуната Нарта, во заштитениот предел Пише Поро–Нарта. Фламингото, една од птиците што живеат во лагуната, стана симбол на протестите. Граѓанското движење меѓу своите барања ги наведува оставката на владата, формирањето преодна техничка влада, слободни и фер избори и откажување на проектот во Звернец.
КОИ СЕ БАРАЊАТА НА АЛБАНСКИТЕ СТУДЕНТИ?
На 21 ноември група студенти во Тирана го објави формирањето на Националното студентско движење (Lëvizja Studentore Kombëtare). Организаторите го претставија како независно движење без претседател, со претставници од факултетите. Во основачката декларација се повикуваат на масовното приклучување на средношколците и студентите кон граѓанските протести од 13 октомври.
Во декларацијата, студентите бараат поквалитетно образование, можности за вработување и еднакви шанси младите да градат иднина во Албанија. Бараат и независна, непристрасна и транспарентна истрага за наводите за прекумерна употреба на полициска сила, како и почитување на правото на мирен протест. Најавија дека ќе објават конкретни предлози за јавна расправа, меѓу кои и за заштита на гласот на избирачите и за отчетност на институциите.
Рама на 20 ноември соопшти дека разговарал со група студенти и дека се согласил со дел од нивните забелешки. Претставниците на новото движење следниот ден изјавија дека не учествувале на средбата и дека одбиваат преговори со премиерот. На 5 ноември две студентски групи и четири граѓански организации поднесоа три барања до Уставниот суд за оспорување на владините мерки со кои се менуваат правилата за протестите и одговорноста за штета.
ДО КАДЕ Е КОНТРОВЕРЗНИОТ ПРОЕКТ НА ЗЕТОТ НА ТРАМП?
Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, ги претстави плановите за комплексот во 2024 година. Компанијата „Сазан риал естејт дивелопмент“ потврдила за Ројтерс дека Кушнер е инвеститор во проектот. Неговиот удел и износот на инвестицијата не се јавно објавени.
Според албанската влада, Националниот совет за територијално планирање на 30 март 2026 година одобрил дозвола за развој на проектот, а на 29 април дозволил оградување на имотот за мерења и други подготвителни активности. На 15 мај надлежниот орган побарал детална оцена на влијанието врз животната средина како предуслов за разгледување на барањето за градежна дозвола. Претходното условно одобрение за градба од јануари 2025 година престанало да важи откако инвеститорот ја повлекол апликацијата во март истата година, според одговорот на Агенцијата за територијален развој до „Фактоје“. До 26 ноември нема јавна потврда за важечка градежна дозвола за комплексот или за конечно откажување на проектот.
Во извештајот објавен на 4 ноември, Европската комисија наведува дека во заштитениот предел Пише Поро–Нарта биле одобрени три дозволи за развој и биле изведени подготвителни работи, а посочува и на отсуството на јавни консултации и оцена на влијанието врз животната средина. Четири организации во септември побараа од Уставниот суд да го поништи владиното решение од 2024 година со кое беше укината поделбата на подрачјето на зони со различен степен на заштита. Побараа и привремено запирање на неговата примена. До 26 ноември нема јавно објавена конечна одлука по тоа барање.
На проектите на зетот на Трамп не му цветаат рози ниту во Србија. Србија официјално го раскина договорот со компанијата поврзана со Џаред Кушнер за изградба на деловно-станбен и хотелски комплекс на местото на поранешниот Генералштаб во Белград.
ШТО ИСТРАЖУВА АЛБАНСКОТО СПЕЦИЈАЛНО ОБВИНИТЕЛСТВО?
Европската комисија потврди дека албанското Специјално обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал, СПАК, отворило истрага за преносот на сопственичките права врз земјиштето поврзано со проектот во Звернец. Ројтерс во јули објави дека, според обвинителските документи, биле замрзнати околу 110 милиони евра од продажбата на земјиштето. Документите што ги прегледал Ројтерс содржат сомневања за фалсификување сопственички документи од страна на продавачот и негови соработници. Во нив нема наводи за незаконско постапување на Кушнер или на другите инвеститори.
СПАК регистрирало и посебен кривичен предмет, бр. 97, за туристичките проекти во Звернец, Рјол и Дивјака–Караваста. Предметот бил регистриран на 10 септември, по пријавата што 11 граѓани ја поднеле на 12 август, а во која се наведени Рама, други јавни функционери и приватни субјекти. Во допис од 6 ноември до подносителите, обвинителството потврдило дека предметот е во фаза на истрага. Во дописот не е наведено кој има статус на осомничен, а до 26 ноември нема јавно објавено обвинение или конечна судска одлука по овој предмет.
Аналитика








