
Македонскиот платежен систем влегува во нова фаза во која парите ќе можат да се префрлаат за неколку секунди, во секое време од денот, без чекање на работниот ден на банките. Но, зад оваа навидум едноставна промена се развива многу посложена трансформација. Во земјава паралелно се воспоставуваат два система за инстант плаќања – едниот преку КИБС, другиот преку Народната банка и регионалната платформа TIPS Clone. Двата имаат иста крајна цел, но различна инфраструктура, различна институционална поставеност и различни можности за развој.
Според анализата на „Пари“, за граѓаните и компаниите ова би требало да значи побрзи плаќања, подобра достапност на парите и помали трошоци. За банките, пак, значи нова инфраструктура, дополнителни инвестиции и избор на начинот на кој ќе ги реализираат трансакциите. Во исто време, отвора простор за влез на нови платежни институции, финтек-компании и дигитални услуги што досега потешко се развиваа во пазар доминиран од традиционалното банкарство.
Но, со два паралелни система се отвора и прашањето дали Македонија ќе добие еден поврзан пазар на инстант плаќања или два одделни круга од банки и корисници. Ако клиентот може да префрли пари за три секунди само кон одредени банки, а за другите и понатаму мора да чека, тогаш технолошкиот напредок нема да ја исполни својата цел.
Два система, две различни стратегии
Првиот систем е КИБС Инстант, за кој КИБС АД Скопје доби лиценца од Народната банка на 17 септември 2025 година. Со тоа беше завршен важен чекор во воспоставувањето домашна инфраструктура за инстант кредитни трансфери во денари, со која трансакциите треба да се реализираат за помалку од десет секунди, 24 часа дневно, независно дали сметките на испраќачот и примачот се во иста или во различни банки.
КИБС се позиционира и како обезбедувач на решенија преку кои корисниците ќе ги иницираат и примаат плаќањата. Еден од најзначајните делови на оваа стратегија е мобилната апликација STRELA, чии функционалности ќе можат да се интегрираат и директно во мобилните апликации на банките.
Покрај класичниот трансфер од сметка на сметка, концептот предвидува плаќања преку QR-код, бесконтактни плаќања со NFC, плаќања во продавници и електронска трговија, регистар на алијаси и услуга „барање за плаќање“. На веб-страницата на КИБС како учесници во системот КИБС Инстант се наведени НЛБ банка и ТТК банка.
Вториот систем е регионалната платформа TIPS Clone, која ја развива Банката на Италија со поддршка на Европската централна банка и Евросистемот, а во Македонија ќе се воспоставува преку Народната банка. Платформата официјално започна со работа на 20 јули 2026 година, а први се приклучија централните банки на Босна и Херцеговина и на Црна Гора. За ноември годинава беше предвидено приклучување на Македонија, Албанија и Косово.
Разликата во позиционирањето е суштинска. КИБС гради домашна инфраструктура со пошироки функционалности за секојдневни плаќања, додека Народната банка преку TIPS Clone ја поставува основата за регионално поврзување и приближување кон европската платежна инфраструктура.
До која мера ќе се натпреваруваат, а кога ќе мора да соработуваат?
На прв поглед, постоењето на два система изгледа како класичен пример за конкуренција. Два оператори, две инфраструктури и можност банките да избираат каде ќе ги реализираат инстант трансакциите. Тоа може да биде позитивно, особено ако конкуренцијата ги принуди операторите да ги подобрат услугите, да ги намалат трошоците и да воведат нови функционалности.
Но, платниот систем не е обичен пазар на кој клиентот едноставно избира еден производ наместо друг. Неговата вредност зависи од бројот на банки, компании и корисници што се поврзани со него. Колку е поголема мрежата, толку е поголема можноста за плаќање кон кој било корисник.
Тука се појавува најголемиот ризик. Ако една банка се приклучи само на КИБС Инстант, а друга само на TIPS Clone, без меѓусебна поврзаност, клиентите нема да можат автоматски да извршуваат инстант трансакции меѓу сите банки. Ќе постојат два одделни круга на достапност. За граѓаните тоа би значело дека брзината на плаќањето ќе зависи од банката на примачот, а за компаниите дека и покрај постоењето на инстант плаќања, дел од наплатите и понатаму ќе зависат од традиционалните платни канали.
Тоа е сценарио што треба да се избегне. Конкуренцијата меѓу операторите може да се одвива во цените, квалитетот, достапноста и дополнителните услуги, додека соработката треба да обезбеди сите банки да бидат дел од еден функционален платежен екосистем.
Што добиваат граѓаните, а што компаниите?
За граѓаните највидливата промена ќе биде тоа што парите ќе станат достапни речиси веднаш. Денес, кога трансферот се врши во период надвор од платниот циклус, за време на викенд или празник, средствата се достапни дури следниот работен ден. Со инстант плаќањата, ова чекање треба да исчезне.
Но, вистинската промена не е само во брзината. Ако услугите се интегрираат во мобилните апликации, граѓаните ќе можат да плаќаат со телефон, QR-код или регистриран мобилен број, без да внесуваат долги броеви на платежни сметки.
За компаниите, особено малите и средните, најголемата придобивка е подобрената ликвидност. Кога клиентот плаќа, средствата веднаш стануваат достапни, наместо да се чека нивното порамнување. Тоа го олеснува управувањето со паричните текови, ја забрзува наплатата и ја намалува потребата од дополнителни административни проверки.
Кај трговците, мобилните плаќања и плаќањата со QR-код можат да отворат можност за поевтина алтернатива на дел од постојните начини за прифаќање картички. Сепак, тоа не е автоматски. Придобивката ќе зависи од трошоците за таа услуга и од тоа колку лесно ќе ја прифатат потрошувачите.
За банките, инстант плаќањата се истовремено инвестиција и деловна можност. Тие ќе мора да ги приспособат своите системи, да обезбедат непрекината обработка на трансакциите и соодветна ликвидност, како и да воспостават контроли за спречување измами.
Банките ќе треба да одлучат дали ќе се приклучат на КИБС Инстант, на TIPS Clone или на двата система. Притоа, нема да ги споредуваат само надоместоците за обработка, туку и трошоците за интеграција, техничката поддршка, сигурноста, можностите за регионални плаќања и дополнителните услуги.
Во исто време, традиционалниот приход од платежни провизии може да биде под притисок. Ако инстант плаќањата станат стандардна услуга, банките ќе мора да се натпреваруваат со квалитетот, достапноста и пошироката понуда, а не само со мрежата на филијали и ценовниците.
Една од поважните последици на реформите во платежниот систем е отворањето на пазарот за небанкарски даватели на платежни услуги, под надзор и со лиценца од НБРСМ. Тоа значи дека платежните услуги постепено престануваат да бидат исклучиво домен на банките. Новите учесници можат да нудат платежни сметки, дигитални паричници, трансфери, решенија за трговци и мобилни плаќања.
Iute Pay Macedonia во јули 2025 година веќе доби лиценца за издавање електронски пари и обезбедување платежни услуги. Paysera Macedonia исто така е небанкарски давател на електронски пари и платежни услуги. Дополнителен простор се отвора и за финтек-компаниите. Овој модел е дел од концептот на отворено банкарство. Во пракса, тоа значи дека корисникот може да користи апликација на трета компанија за да иницира плаќање од својата банкарска сметка, без таа компанија да мора да биде банка.
Дали инстант плаќањата ќе ги поевтинат услугите?
Брзината на трансакциите не значи автоматски и пониска цена. Тоа е можеби најважната разлика меѓу технолошката можност и економската придобивка.
КИБС Инстант и TIPS Clone можат да овозможат поефикасна обработка и пониски инфраструктурни трошоци по трансакција. Конкуренцијата меѓу операторите, пак, може да ги притисне надоместоците што банките ги плаќаат за користење на системите. Конечната цена за граѓаните и компаниите ќе зависи од деловната политика на банките, трошоците за интеграција, управувањето со ликвидноста и стратегијата за наплата. Сепак, поголемиот број трансакции, автоматизацијата и влезот на нови платежни институции можат да создадат притисок за пониски цени.
TIPS Clone не е исто што и TIPS
Регионалната платформа добива посебно значење по приклучувањето на Македонија кон СЕПА. Следниот чекор е преминот кон инстант плаќања во евра, односно кон SEPA Instant Credit Transfer – SCT Inst. Тука е важна улогата на TIPS Clone. Тој е изграден врз технологијата на оригиналниот европски TIPS, но функционира како посебна, независна регионална платформа.
Оригиналниот TIPS е инфраструктура на Евросистемот за порамнување инстант плаќања во централнобанкарски пари. Тој е усогласен со европската шема SCT Inst и овозможува порамнување во евра, како и во шведски и дански круни. Земјите од Западен Балкан не добиваат директен пристап до оригиналниот TIPS само затоа што сакаат да воведат инстант плаќања. Тие не се членки на Евросистемот.
Токму затоа Банката на Италија, со поддршка на ЕЦБ и Евросистемот, разви посебна платформа врз основа на истата технологија. TIPS Clone овозможува порамнување на плаќањата во националните валути на учесничките земји во централнобанкарски пари, додека плаќањата во евра во почетниот модел се порамнуваат во комерцијални банкарски пари.
Надлежните тврдат дека целта не е Западен Балкан да добие трајно одделен платежен систем, туку постепено да се приближи до европските стандарди и да се воспостави поврзаност со европската инфраструктура. Уште во договорот од јануари 2025 година, Банката на Италија ја посочи можноста за билатерална врска меѓу регионалната платформа и подрачјето опслужувано од TIPS. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се случи целосно приклучување на земјите од регионот кон оригиналниот TIPS, ниту дека сите прекугранични трансакции веднаш ќе станат инстант.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








