
Од понеделник, 16 ноември, клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола ќе можат да користат банкарски услуги и во експозитурата во Прилеп. Таму, граѓаните кои имаат платежна сметка, но немаат картичка, ќе можат да подигнуваат готовина до 20.000 денари во период од две недели, информира Народната банка.
Продолжуваат да работат и филијалите во Струмица и Тетово, како и експозитурата во трговскиот центар „Бисер“ во Скопје. Во нив, покрај подигнувањето готовина во рамките на утврдените лимити, клиентите можат да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други финансиски обврски.
Од 10 ноември повторно се достапни и електронското и мобилното банкарство, но со ограничувања: 15.000 денари неделно за клиентите со платежни картички и 20.000 денари во период од две недели за оние без картички. Лимитите важат збирно за сите сметки на клиентот и ги опфаќаат плаќањата со картички, повлекувањето готовина и електронските трансакции.
Исклучок се новите приливи од сметки во други банки и даватели на платежни услуги, со кои физичките лица можат да располагаат без ограничување.
За компаниите што редовно исплаќале плати преку банката во последните три месеци, овозможена е исплата на заработките, заедно со даноците и придонесите.
Од Народната банка посочуваат дека продолжуваат внимателно да ја следат состојбата и да преземаат мерки за олеснување на пристапот на клиентите до нивните средства.
Аналитика








