ПОВЕЌЕ

    Правилникот падна на Уставен, контролите запрени – Ќе ги уважи ли ИСОС забелешките на сметководителите?

    Време зa читање: 5 минути

    Две години трајност имаше Правилникот за контрола на квалитетот на работењето на субјектите на контрола на квалитет. По низата забелешки од страна на сметководителската фела, најмногу за границите на законските овластувања и правната несигурност што ја предизвикува, беше покренатата иницијатива за негово преиспитување од аспект на уставноста и законитоста. Уставниот суд неодамна донесе одлука со која целосно го поништи овој документ.

    Поради тоа погледите се насочени кон Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), кој го изготви и го стави во употреба Правилникот. Сметководителите кои, по тоа прашање, во изминатиот двегодишен период ги нагласуваа основните постулати на дејноста – објективност, компетентност, професионалност и работење во јавен интерес, инсистираат на тоа дека професионалната етика не започнува со контролата на членовите, туку со интегритетот на оние што ја спроведуваат. И, како што тврдеа некои од нив во јавните настапи, воопшто не е спорна законската надлежност на ИСОС да врши контрола на квалитетот.

    Притоа се отвораат теми за можните импликации од судската одлука. Со цел да се расчистат одредени дилеми, порталот Пари се обрати до ИСОС. Во продолжение одговорите што ги добивме од Институтот.

    Што ќе следи по одлуката на Уставниот суд со која Правилникот за контрола на квалитетот е поништен во целост?

    – Институтот на сметководители и овластени сметководители на РС Македонија (ИСОС), согласно одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи, има надлежност и обврска да врши контрола на квалитетот на работењето на сите лиценцирани правни лица кои вршат сметководствени услуги. Одлуката на Уставниот суд во врска со Правилникот за контрола на квалитет не ја поништува, ниту ја ограничува ваквата законската надлежност и обврска на ИСОС.

    Секако, ИСОС ќе ја спроведе одлуката на Уставниот суд без одлагање, по нејзиното објавување во „Службен весник”. Го очекуваме официјалниот текст со образложението и евентуалните посебни насоки за начинот и рокот на извршување. Доколку Судот не определи посебен начин на извршување, ИСОС ќе ги примени општите правила на Уставниот суд и Законот за општата управна постапка.

    Притоа, важно е да се направи јасна разлика меѓу Правилникот, кој ги уредува оперативно-техничките постапки за спроведување на контролата, и законската надлежност на Институтот да врши контрола на квалитетот на работењето на сите лиценцирани правни лица кои вршат сметководствени услуги.

    Какви последици ќе има одлуката врз досега спроведените контроли на квалитетот? Дали резултатите од веќе завршените контроли остануваат во сила?

    – Сите досегашни контроли имаа превентивен и исклучиво советодавен карактер. Нивната цел беше да се согледаат состојбите во практиката и на сметководствените субјекти да им се помогне во унапредувањето на работењето, преку стручни насоки, препораки и укажувања за надминување на утврдените недостатоци. При спроведувањето на досегашните контроли на ниту еден сметководител, овластен сметководител или друштво не му е одземена лиценцата за работа, ниту пак му е ограничено вршењето на дејноста. Дополнително не е покрената ниту една прекршочна постапка.

    Што ќе се случува со контролите кои се во тек, односно дали тие ќе бидат прекинати до донесување нов правилник?

    – Почитувајќи ја одлуката на Уставниот суд, тековните контроли се веќе привремено запрени. Сепак, овој привремен застој во оперативното спроведување на контролата на квалитет не ја менува законската обврска на ИСОС за спроведување на контрола на квалитетот. ИСОС останува посветен на нејзиното исполнување, во согласност со Законот, меѓународните стандарди и најдобрите практики во оваа област.

    Дали ИСОС ќе подготви нов правилник и во кој рок може да се очекува негово донесување? Дали во подготовката ќе бидат вклучени претставници на сметководствената фела?

    – По објавувањето на одлуката на Уставниот суд во „Службен весник”, Управниот одбор на ИСОС ќе подготви и ќе донесе нов Правилник во најкраток можен рок. Целата постапка за донесување на новиот Правилник ќе биде спроведена според постапката предвидена со Статутот и другите соодветни акти на ИСОС.

    Дали Институтот ќе преземе одредени активности за утврдување на одговорноста за донесувањето на актот што подоцна беше поништен од Уставниот суд?

    – Управниот одбор на ИСОС го донел актот врз основа на законското овластување кое го има, а тој бил прифатен и преку претставниците на членството во Собранието на ИСОС. Правилникот ги уредува оперативно-техничките прашања за спроведување на контролата и не ги менува правата и обврските утврдени со Законот. Со досегашните контроли не е одземена ниту една лиценца, не е ограничено вршењето на дејноста и не е поведена ниту една прекршочна постапка. Самото поништување на еден акт не е доволно да се изведе заклучок за одговорност.

    Останува да се види како ИСОС ќе ја уреди оваа област со новиот акт. И дали при неговото донесување ќе бидат земени предвид забелешките што сметководителите ги изнесуваа во изминатите две години.

    М.А.

    (Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично