Колку е одржлива буџетската математика предвидена со вториот ребаланс и за што всушност ќе се користи новото задолжување? Фискалниот совет предупредува дека структурата на јавните финансии се менува: капиталните расходи се намалуваат, дефицитот останува висок, а повеќе средства се насочуваат кон тековни потреби.
Со вториот ребаланс, капиталните расходи, заедно со ставката КАПЕФ, се намалуваат од 46,5 на 40,1 милијарда денари, додека буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари, или 4,1 отсто од БДП. Така, планираниот дефицит е за околу 100 милиони евра повисок од средствата за капитални расходи. Фискалниот совет оценува дека ваквата структура отстапува од принципот задолжувањето да се користи првенствено за инвестиции.
Паралелно со намалувањето на средствата за капитални расходи, социјалните трансфери се зголемуваат за околу 3,7 милијарди денари. Од нив, 1,34 милијарди денари се наменети за пензии, 1,44 милијарди денари за социјални надоместоци и 887 милиони денари за здравствена заштита.
Што се однесува до динамиката со која се реализира буџетскиот дефицит, до крајот на август е достигнато ниво од 38,2 милијарди денари. Тоа, пак, претставува 82,5 отсто од годишно планираниот износ.
Во меѓувреме, бруто-задолжувањето е зголемено за околу 11,3 милијарди денари, на 152,5 милијарди денари.
Фискалниот совет укажува и на нивото на јавниот долг. На крајот на јуни тој достигнал 58,8 отсто од БДП, со што се приближува до законскиот лимит од 60 проценти.
Притоа, доспеаните, а неизмирени обврски на јавниот сектор надминуваат 700 милиони евра.
Од Владата, пак, вториот ребаланс го образложуваат со променетите економски услови, намалените приходи од акцизите поради мерките за горивата и побавната реализација на дел од капиталните проекти. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска нагласува дека дефицитот не се зголемува дополнително со вториот ребаланс и дека целта е расходите да се приспособат на реалната динамика, а да продолжи поддршката за граѓаните, здравството и приоритетните инвестиции.
Сепак, не се работи само за големината на дефицитот, туку и за неговата намена: дали задолжувањето создава нова економска вредност или во поголем дел служи за финансирање на тековната потрошувачка.
Аналитика








