
Податоците стануваат сè поважен ресурс во современиот свет, но нивната вистинска вредност е во знаењето како да се разберат и искористат. Токму статистичката писменост кај младите, можностите што ги нудат новите технологии и полесниот пристап до официјалните податоци беа во фокусот на одбележувањето на Европскиот ден на статистиката, 20 октомври.
По повод десетгодишнината од овој ден, Државниот завод за статистика (ДЗС) учествуваше на настан организиран од Економскиот факултет, посветен на студентите и нивното подобро запознавање со улогата на статистиката во разбирањето на економските и општествените процеси.
Една од главните новини на настанот беше претставувањето на MakStatAI – статистички асистент заснован на вештачка интелигенција, кој го развива ДЗС. Директорот на Заводот, д-р Дејан Станков, ја претстави алатката што овозможува пристап до официјалните статистички податоци преку поставување прашања на природен јазик.
Со развојот на MakStatAI, Заводот прави чекор кон поедноставен пристап до статистичките информации, со намера тие да станат поразбирливи и подостапни за корисниците.
На настанот беше нагласено дека статистичката писменост денес не е важна само за професионалците. Таа им овозможува и на младите критички да ги оценуваат информациите, подобро да ги разбираат економските и општествените случувања и да носат одлуки засновани на факти.
Од ДЗС посочуваат дека целта е ваквите средби да прераснат во традиција, преку која статистиката ќе се доближи до студентите, ќе се поттикнува интересот за нејзино користење и ќе се зајакнува соработката со академската заедница.
Пораката е дека во време кога податоците претставуваат нов капитал, предноста ја имаат оние што знаат правилно да ги користат.
Аналитика








