Од средношколците во Франција, преку демонстрантите во Милано и Тирана, до младите Португалци кои прашуваат дали некогаш ќе можат да си дозволат сопствен дом – протестите што ја зафатија Европа есенва имаат различни непосредни поводи, но зад нив сè појасно се гледа ист економски нерв.
Инфлацијата повторно забрзува, енергијата поскапува, домувањето станува сè потешко достапно, растот останува слаб, а во дел од најголемите европски економии реалните плати сè уште не се вратиле убедливо над нивото од пред пандемијата.
По неколку последователни кризи, европските економии формално закрепнаа, но голем дел од граѓаните сè уште не чувствуваат дека закрепнал и нивниот животен стандард.
Франција е највидливиот пример. Протестите што започнаа со барања на средношколците за наставници, подобри училишта и јавни услуги за неколку недели прераснаа во многу пошироко незадоволство од високите трошоци за живот. По викендот со немири и грабежи беа уапсени околу 2.400 лица, а повеќе од 3.000 продавници претрпеа штета. Властите воведоа локализирани полициски часови, кои во ноќта кон вторник помогнале да се смири ситуацијата, но локалните власти добија можност повторно да ги активираат доколку проценат дека е потребно.
Во Италија мирните протести против растот на животните трошоци и состојбата на јавните услуги во Милано прераснаа во судири, грабежи и приведувања, по што владата одлучи да распореди дополнителни 500 припадници на армијата. Во Албанија десетици илјади студенти протестираа поради трошоците за студирање, состојбата на универзитетите, слабите перспективи за вработување и корупцијата.
Заедничкиот именител сè повеќе е куповната моќ.
СКАПАТА ЕНЕРГИЈА ЈА ДОНЕСЕ ИНФЛАЦИЈАТА
Во септември инфлацијата во еврозоната скокна на 3,8%, од 3,2% во август. Истата стапка е измерена и за ЕУ како целина. Уште поважно е што во 23 од 27 земји членки инфлацијата се зголемила во однос на претходниот месец. Највисоки стапки се забележани во Романија – 6,5%, Литванија – 6,1% и Бугарија – 5,6%.
Причината не е тешко да се најде.
Енергијата во септември поскапе за 18,8% на годишно ниво и стана убедливо најсилниот двигател на новиот инфлаторен бран.
Геополитичкиот конфликт на Блискиот Исток повторно ги зголеми цените на нафтата и гасот. Reuters проценува дека европските економии веќе чувствуваат силен ценовен удар врз горивата, а Европската комисија го проценува економскиот трошок од конфликтот за Европа на околу 100 милијарди евра.
Само годинава владите во ЕУ веќе потрошиле околу 17,9 милијарди евра за мерки со кои го ублажуваат поскапувањето на енергијата за домаќинствата и компаниите.
Тоа е суштинска разлика во однос на периодот кога инфлацијата почна да се намалува. Граѓаните не добија враќање на старите цени – добија само побавно поскапување. Сега и тоа олеснување е доведено во прашање.
Статистиката добро објаснува зошто незадоволството е особено силно во Франција и Италија.
Европската комисија проценува дека во 2026 година реалните плати во еврозоната се само 1,4% над нивото од 2019 година. Со други зборови, по пандемијата, енергетската криза и инфлаторниот удар, просечниот европски работник за седум години остварил многу мал реален напредок.
Во некои големи економии резултатот е уште полош. Реалните плати во споредба со 2019 година се проценуваат на 2,4% пониско ниво во Франција и дури 3,9% пониско во Италија.
Токму тука се создава јазот меѓу официјалните економски показатели и секојдневното чувство на граѓаните. Невработеноста не е драматично висока – во август изнесуваше 6,1% во ЕУ и 6,4% во еврозоната. Но невработеноста кај младите е далеку повисока – 15,4% во ЕУ. Во споредба со август минатата година, бројот на невработени во Унијата е зголемен за 348.000.
Но, иако во Европа во моментов нема класична рецесија со масовно губење работни места, еден значаен дел од популацијата има растечко чувство дека со платата можат да купат сè помалку.
КРИЗАТА НА ДОМУВАЊЕТО – ВТОР ГОЛЕМ ИЗВОР НА НЕЗАДОВОЛСТВО
Ако енергијата е проблемот на оваа есен и зима, домувањето е многу подлабок структурен проблем.
Во вториот квартал од годинава цените на становите во ЕУ биле 4,7% повисоки отколку една година претходно, додека кириите пораснале за 3%.
Во некои земји скокот е далеку поголем. Во Португалија цените на домовите се зголемиле за околу 14,2% во однос на просекот од 2025 година, една од највисоките стапки во Унијата.
Токму затоа португалските протести имаат нешто поинаква структура од француските. Таму во центарот се младите кои работат, но не можат да се осамостојат поради односот меѓу платите, кириите и цените на недвижностите.
Португалија истовремено е една од земјите каде реалните плати значително пораснале во однос на 2019 година – за околу 18%.
Тоа покажува дека проблемот не е едноставно „платите не растат“. Ако становите растат побрзо од приходите и ако нов дом бара сè поголем долг, подобрата плата не мора да донесе и чувство на подобар животен стандард.
ФИНАНСИСКАТА КРИЗА ВО ФРАНЦИЈА ГИ НАПРАВИ ГРАЃАНИТЕ НЕЗАДОВОЛНИ ОД ЈАВНИТЕ УСЛУГИ
Француските протести многу јасно го покажуваат најголемиот економски судир што може да ја обележи Европа во 2027 година.
Граѓаните бараат повеќе наставници, подобро здравство, подобар јавен превоз, заштита на куповната моќ и помали трошоци.
Но државите истовремено се соочуваат со високи долгови, поскапо задолжување, поголеми расходи за одбрана, стареење на населението и огромни инвестиции потребни за енергетската транзиција.
Француската влада веќе вети 3.000 дополнителни квалификувани наставници како одговор на ученичките протести. Но Reuters забележува дека просторот за многу пошироки отстапки е ограничен токму поради состојбата на јавните финансии.
Истиот проблем се појавува во различна форма во Италија, каде јавниот долг е околу 3 трилиони евра, а приносот на десетгодишните државни обврзници се искачи околу 4,7%.
Меѓународниот монетарен фонд предупредува дека Европа мора или да го забрза економскиот раст или да го намали задолжувањето. Според ММФ, долгот на еврозоната би можел да се зголеми од 88,7% од БДП во 2025 на 91,2% во 2027 година.
Тука се наоѓа потенцијално најголемиот извор на нови социјални конфликти: државите ќе мора да штедат во момент кога граѓаните бараат од нив да трошат повеќе.
Европската централна банка веќе ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени во септември поради новиот инфлаторен притисок. ЕЦБ мора да ја намали инфлацијата со поскапи пари, но тие исти поскапи пари можат дополнително да го притиснат стандардот на домаќинствата.
По последниот скок на инфлацијата, пазарите повторно сметаат дека е можно дополнително затегнување на монетарната политика до крајот на годината. Тоа не е официјално ветување на ЕЦБ – Банката нагласува дека ќе одлучува врз основа на податоците – но високите цени на енергијата значително го намалија просторот за поевтини пари.
За обичниот граѓанин тоа има многу конкретно значење.
Хипотекарните и потрошувачките кредити потешко ќе поевтинуваат. Компаниите ќе плаќаат повеќе за финансирање. Дел од инвестициите ќе бидат одложени. А високите камати дополнително ќе ја ограничат побарувачката на станови, но и изградбата на нови.
КАКВА ЗИМА ЈА ОЧЕКУВА ЕВРОПА?
Ниту едно од сценаријата не предвидува економски колапс или драматична рецесија. За 2026 година ЕЦБ очекува раст на еврозоната од само 0,9%, а за 2027 година забрзување на 1,4%. Инфлацијата би требало во просек да изнесува 3% годинава и да се намали на 2,5% во 2027 година.
ЕЦБ очекува инфлацијата да достигне околу 3,6% во последниот квартал од 2026 година, главно поради енергетскиот шок. И самата Банка предупредува дека ризиците се насочени нагоре за инфлацијата, а надолу за економскиот раст. Последниот реален податок – 3,8% во септември – веќе покажува колку прогнозата е чувствителна на цената на енергијата.
Но, не сите европски држави ќе го почувствуваат притисокот на ист начин.
Франција е најчувствителна на комбинацијата од социјално незадоволство, слаб раст, високи јавни трошоци и ограничен простор за нови буџетски отстапки. Италија има дополнителен проблем со огромниот јавен долг и реални плати кои сè уште се под нивото од 2019 година.
Португалија и Шпанија се особено изложени на кризата со домувањето – проблем кој најсилно ги погодува младите и средната класа. Во Белгија, протестите се преклопуваат со незадоволството од трошоците за живот и реформите.
Во земјите од Источна Европа ситуацијата е поинаква. Платите во изминатата деценија растеа многу побрзо, но инфлацијата повторно е повисока. Романија, Литванија и Бугарија моментално имаат највисоки стапки на инфлација во ЕУ.
Албанија, иако не е членка на ЕУ, го покажува уште поостриот проблем со кој се соочуваат дел од земјите од Западен Балкан: младите не протестираат само за цените, туку и за квалитетот на образованието, корупцијата и перспективата што ја имаат по дипломирањето.
Европската економија сè уште има една силна страна: пазарот на труд е релативно стабилен. Но, показателите за расположението кои се важен сигнал, веќе се влошуваат. Во септември индексот на економски сентимент на Европската комисија падна на 97,9 поени, под долгорочниот просек од 100, а се намалија и очекувањата за вработување.
Доколку луѓето очекуваат поскапа енергија, поскапи кредити и несигурност на работното место, тие почнуваат да штедат наместо да трошат. Компаниите стануваат повнимателни со инвестициите. Така песимизмот сам почнува да го забавува економскиот раст.
Следните месеци за Европа веројатно ќе бидат зима на притисната куповна моќ, а не зима на економски колапс. Најранливите домаќинства први ќе го почувствуваат поскапувањето на греењето, горивото и храната. Средната класа ќе го чувствува преку кредитите, станарините и трошоците за домување. Младите ќе продолжат да се судираат со најтешката комбинација – високи цени на станови, нестабилни почетни работни места и јавни услуги што не секогаш ги исполнуваат очекувањата.
Ако енергетскиот шок продолжи и во зимата, а владите во исто време почнат посилно да ги затегнуваат буџетите, токму судирот меѓу она што јавноста очекува од државата и она што државата финансиски може да си го дозволи може да остане една од главните економски и социјални теми во Европа и во 2027 година.
(Фото: протести во Франција, Jorge Jaramillo – Own work, CC BY-SA 4.0)
Аналитика








