Anthropic најави дека ќе одвои 5% од сопствените акции во нов „Public Benefit Fund“ – посебен фонд наменет за проекти од јавен интерес, со можност неговиот удел дополнително да расте ако расте и вредноста на компанијата. Идејата е дел од богатството создадено од развојот на вештачката интелигенција однапред да се резервира за општествени цели – од поддршка на непрофитни организации и истражувања до директна помош за групи што би можеле да бидат погодени од промените на пазарот на труд.
Фондот ќе поддржува иницијативи што се занимаваат со пошироките општествени влијанија на вештачката интелигенција, вклучително и можните нарушувања на пазарот на трудот – прашање за чие истражување и решавање компанијата „Антропик“ (Anthropic) веќе издвои 200 милиони долари.
Фондот ќе функционира како друштво со ограничена одговорност (ДОО) во целосна сопственост, што овозможува флексибилност при распределбата на ресурсите – било преку донации за непрофитни организации или преку директна финансиска поддршка за одредени групи население.
ДОНАЦИИ ЗА УБЛАЖУВАЊЕ НА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ВИ
За почеток, се разбира, ако биде одобрено од акционерите, во него ќе бидат префрлени 5% од акциите на компанијата. Дополнително, одборот ќе може да додава уште 2% за секој раст на вредноста на Anthropic од 50% над однапред утврдена основа. Компанијата најави дека деталите за тие прагови и за управувањето со фондот ќе ги објави во следните месеци.
Тоа е важно затоа што Anthropic во мај годинава беше проценет на 965 милијарди долари по нова инвестициска рунда. На таа проценка, 5% би претставувале вредност од приближно 48 милијарди долари. Но тоа не значи дека фондот денес располага со 48 милијарди долари во готовина – станува збор за удел во приватна компанија, чија вредност може да расте или да паѓа, а ликвидноста зависи од идни трансакции, продажба на акции или потенцијално излегување на берза.
Anthropic објаснува дека фондот треба да има поголема флексибилност од самата компанија. Додека активностите како истражување за AI-безбедност, биомедицина или попусти за непрофитни и научни институции остануваат во рамките на Anthropic, новиот фонд би можел да финансира активности што се појасно одвоени од комерцијалното работење.
Како примери, компанијата наведува големи донации за традиционални непрофитни организации, но и директни исплати кон одредени групи население. Токму вториот дел е најинтересен, бидејќи отвора можност фондот еден ден да се користи не само за класична филантропија, туку и за конкретни економски интервенции доколку AI предизвика посериозни нарушувања на пазарот на труд.
Овој потег се надоврзува на веќе најавениот Economic Futures Research Fund од 200 милиони долари, преку кој Anthropic финансира истражувања за тоа како економијата да се приспособи на AI – од преквалификација на работници до модели за доходовна поддршка и начини работниците да учествуваат во економските придобивки од AI.
Компанијата претходно воспостави и партнерство со Gates Foundation во вредност од 200 милиони долари за здравство, образование, наука и економска мобилност.
Извршниот директор Дарио Амодеи и петмината други коосновачи на компанијата ја основаа „Антропик“ (Anthropic) како корпорација од јавен интерес – правен статус што го избираат профитно ориентирани компании за да постигнат рамнотежа помеѓу финансиските цели и општественото влијание.
Тие, исто така, се обврзаа дека ќе донираат 80 % од своето богатство. Преку програма за донирање удели во сопственоста, во која учествува околу половина од вработените, вработените можат да заложат дел од својот удел, а „Антропик“ донира еднаков износ.
Земајќи го предвид и соопштението од неделата, од „Антропик“ наведуваат дека приближно 20 % од акциите на компанијата ќе бидат наменети за „општото добро“, плус дополнителен удел што би можел да се додаде доколку вредноста на компанијата достигне одредени пресвртни точки.
Тоа е значителен процент за компанија што се подготвува за потенцијално големо излегување на берза.
Колку навистина значи фонд од 5%? На хартија – многу. Ако Anthropic навистина достигне проценка од еден или два трилиони долари, 5% би значеле номинална вредност од 50 до 100 милијарди долари, а ако уделот на фондот подоцна расте, и повеќе.
Но реалното значење зависи од неколку нешта кои засега не се познати.
Прво, кој ќе управува со фондот и според кои правила. Anthropic сè уште не ја објавил целосната управувачка структура, критериумите за распределба на средствата, ниту точните механизми за тоа кога и како акциите ќе се претвораат во средства што можат реално да се трошат.
Второ, номиналната вредност на акциите не е исто што и достапен капитал. Доколку фондот поседува акции од Anthropic, тој може да биде „богат“ на хартија, но да нема голема ликвидност сè додека акциите не се продадат или компанијата не излезе на јавен пазар.
Трето, фондот не е исто што и регулација. Тој може да финансира истражувања, социјални програми или компензациски механизми, но не може да замени закони, даночна политика, системи за социјална заштита или јавни институции доколку AI навистина предизвика големи потреси на пазарот на труд.
И токму тука е најважната разлика.
Голем фонд, но и голема концентрација на моќ
Идејата е необична и потенцијално значајна бидејќи однапред признава дека AI-компаниите може да создадат не само огромна вредност, туку и економски трошоци за општеството.
Но истовремено, се отвора и прашањето кој ќе одлучува што точно е „јавен интерес“.
Ако една приватна компанија вредна стотици милијарди долари контролира фонд од десетици милијарди, тогаш таа индиректно добива и значително влијание врз тоа кои проблеми ќе бидат финансирани, кои групи ќе добијат поддршка и какви економски решенија ќе се тестираат.
Токму затоа дел од аналитичарите го поздравуваат обемот на најавата, но бараат повеќе транспарентност околу управувањето и независноста на фондот.
ДАЛИ ANTHROPIC НАЈАВУВА ИДЕН „УНИВЕРЗАЛЕН ОСНОВЕН ПРИХОД“?
Новиот фонд треба да се гледа и во контекст на самата организација на Anthropic.
Компанијата е регистрирана како Public Benefit Corporation, што значи дека нејзиниот одбор законски може да ги зема предвид не само интересите на акционерите, туку и пошироката општествена корист.
Покрај тоа, Anthropic има и Long-Term Benefit Trust, независно тело без директен финансиски интерес во компанијата, создадено со цел да има влијание врз управувањето и да ја штити долгорочната мисија на компанијата од краткорочен притисок за профит.
Оттука, Public Benefit Fund е уште еден слој во обидот Anthropic да покаже дека дел од вредноста создадена од AI треба институционално да биде врзана за општествена корист.
Можноста фондот да врши директни исплати кон одредени групи веднаш поттикна шпекулации дека Anthropic можеби размислува за некаква форма на приватно финансиран основен доход во иднина. Но, од компанијата досега нема конкретни најави дека размислува за таканаречениот UBI-систем (Universal Basic Income), ниту прецизирала кои групи би можеле да добиваат директни исплати.
Засега тоа е само една од можните алатки што фондот би можел да ги користи. Дали тоа ќе се претвори во вистински моќен механизам или во голема филантропска конструкција со ограничено практично влијание ќе зависи од деталите што Anthropic допрва треба да ги објави – кој ќе управува со фондот, колку независен ќе биде и, најважно, кога акциите вредни милијарди на хартија ќе се претворат во реални пари за јавна корист.
Аналитика








