ПОВЕЌЕ

    ЗАПАДЕН СТАНДАРД, МАКЕДОНСКА РЕАЛНОСТ: Цената што треба да се плати за брз економски раст

    Време зa читање: 7 минути

    Во јавниот јавните расправи во Македонија провејува една упорна фантазија дека просперитетот е само едно копче што владата одбива да го притисне. Се создава слика дека со соодветна политичка волја, можеме на магичен начин да прескокнеме децениска структурна стагнација и за само неколку години да го достигнеме животниот стандард на Словенија или Германија.

    Гласачите бараат плати на европско ниво, инфраструктура од светска класа, здравствен систем што беспрекорно функционира и брз просперитет, но економската реалност е значително пострашна од она што го мислиме.

    МАТЕМАТИКА ЗА НЕЕКОНОМИСТИ

    За да разбереме колку нашите очекувања се далеку од реалноста, доволно е да ја погледнеме суровата аритметика потребна за економски раст. Според „Правилото 72“, времето потребно за дуплирање на БДП на една земја се добива кога бројот 72 ќе се подели со стапката на раст на БДП. При годишен раст од 3%, потребни се околу 24 години за статистички една земја да стане „двојно побогата“.

    Просечниот годишен економски раст во Македонија низ годините се движи помеѓу 2,5% и 3,5%. Со ова темпо, не може да дојде до значително приближување кон побогатите европски економии ниту за неколку децении. БДП по глава на жител во Македонија изнесува околу 9.300 евра, во споредба со околу 18.000 евра во Бугарија која воедно е и најсиромашната земја членка на ЕУ според Евростат за 2024 година. За изедначување со Бугарија, ќе ни бидат потребни повеќе од 7 години константен раст од неверојатни 10%.

    Двоцифрениот раст не е нешто што една влада може да нареди. Неговото одржување во текот на една деценија е подвиг што им успеал само на мал број економии низ историјата, пред сè на источноазиските „тигри“.

    Се разбира, БДП по глава на жител не е совршен показател за просперитетот. Цените значително се разликуваат меѓу земјите, а важна е и куповната моќ. Сепак, многу производи со кои се тргува на глобално ниво – автомобили, компјутери, телефони и други трајни потрошни добра, не стануваат пропорционално поевтини само затоа што некоја земја е посиромашна. Затоа, јазот во животниот стандард е реален.

    НЕ ТРГНУВАМЕ ОД ИСТА ПОЧЕТНА ТОЧКА

    Предизвикот станува уште поголем кога ќе ја разгледаме нашата структурна состојба. Ние сме мала земја без излез на море, без значајни природни ресурси и со планинска географија која тешко се развива. Уште поважно, заостануваме во поглед на човечкиот капитал, особено во образованието мерено преку меѓународни стандарди како PISA тестовите за средношколци и отсуство од листите за најдобри универзитети. Нам ни недостигаат извозни производи со висока додадена вредност, развиени пазари на капитал, технолошки капацитети и научно знаење, кои се неопходни за постигнување на бараниот економски стандард.

    Сето ова не значи дека развојот е невозможен, туку многу потежок. Кога земјите кои се соочувале со слични предизвици успеале од сиромашни да станат богати во рок од една генерација, тоа ретко го постигнале без значајна жртва. А за тоа добар пример е Сингапур.

    ЦЕНАТА НА СИНГАПУРСКОТО ЕКОНОМСКО ЧУДО

    Имено, Сингапур денес поседува футуристичка инфраструктура, врвен здравствен систем, светски универзитети, извонредните образовни резултати и БДП по глава на жител повисоко од 95.000 $ долари. Говорејќи за сè ова се заборава цената што е платена за да се достигне тоа.

    Во 1965 година, Сингапур станува независна држава, мал остров без ресурси, со висока стапка на невработеност, распространета сиромаштија, криминал и длабоки етнички тензии. Неговиот прв премиер стана познат по тоа што заплака пред телевизиските камери, соочувајќи се со огромните предизвици пред кои се наоѓаше новата држава.

    Сингапур на овие предизвици освен со отворање на индустриски зони со даночни ослободување, намалена регулација за бизнисите и намалени даноци за индивидуи, воведе мерки за целосна социјална трансформација на своето населените во најголем ресурс, што резултираше во двоцифрен економски раст во седумдесеттите и осумдесеттите години. Но, механизмите на таа трансформација наликуваат на прирачник за создавање дистопија.

    АВТОРИТАРНА СТАБИЛНОСТ

    Економското чудо на Сингапур се разви во услови на непрекинато апсолутно владеење на истата политичка партија од осамостојувањето до денес. Политичката опозиција се соочува со значителни правни и институционални ограничувања. Политичките слободи, слободата на медиумите, правото на штрајк, право на формирње на независни синдикати и критиките кон владата се значајно ограничени. Компромисот е едноставен: политичката стабилност, поголема моќ за компаниите и предвидливоста се сметаа за клучни елементи на економскиот развој.

    РЕД ПО СЕКОЈА ЦЕНА

    Трговијата со дрога се казнува со смртна казна. За вандализмот и другите прекршоци следува камшикување. Државата намерно изгради репутација за екстремен ред и низок криминал. Ова помогна да се создаде високо предвидлива средина за жителите, туристите и странските инвеститори, по цена на правила што во нормална демократска држава би се сметале за неприфатливи. Истите закони влијаеја и за значајно намалување на корупцијата поради што беше овозможено профитабилно функционирање и меѓународно ширење на државните компании како Singapore Airlines, Деловната банка ДБС, Сингапурскиот телеком и Сингапурскиот национален инвестициски фонд.

    СЕ ЖИВЕЕ ЗА РАБОТА

    Сингапур има малку природни ресурси. Неговиот најголем ресурс се луѓето. Образовниот систем стана исклучително конкурентен и силно насочен кон создавање висококвалификувана работна сила. Учениците се соочуваат со огромен академски притисок, со приватни часови и дополнително учење во текот на целата недела.

    Притисокот не завршува нужно со крајот на училишните обврски. Во Сингапур е развиена култура на прекувремено работење и силна конкуренција, но по цена на приватниот и социјалниот живот.

    ПАРАДОКСОТ СО НЕДВИЖНОСТИТЕ

    Станбениот систем на Сингапур е уште еден пример за овој компромис. Владата успева да обезбеди нови станови за граѓаните и новите семејства. Сепак, овој површински комфор крие опресивен механизам за контрола. Граѓаните најчесто купуваат права на долгорочен закуп наместо трајна сопственост на земјиштето. Владата ја одредува структурата на пазарот на недвижности, вклучително и тоа кој каде смее да живее и применува етнички квоти за да спречи создавање на сегрегирани населби. Граѓаните на Сингапур живеат во еден од најскапите градови во светот, град кој се стреми да направи сè за да се привлечат богати странци, но притоа луѓето кои го прават ова место рај на земјата за милионери и меѓународни мега компании, живеат како граѓани од втор ред во сопствената земја по цена на неисполнет живот.

    ПА, ШТО ВСУШНОСТ БАРАМЕ?

    Ова е парадоксот со кој ретко се соочуваме во јавните дебати. Сите ја знаеме целта, има само неколку патишта до неа, но никој не е подготвен јавно да ја каже цената на горивото. Го сакаме западниот стандард, но притоа не сакаме од ништо да се откажеме за возврат.

    Дали сме подготвени за 60 часовна работна недела? За образовен систем кој наликува на отслужување на воен рок? За енормно високи казни за уништување на јавните инвестиции? Да ѝ дадеме на државата целосна контрола врз нашите животи? Живот со драстично редуцирани социјални уживања посебно во најубавите години? Бидејќи го немаме големиот пазар на Полска, старата индустрија на Чешка, ниту квалитетниот кадар и географијата на Словенија.

    Ова не е повик на воведување на вакви мерки во Македонија, ниту, пак, се тие единствен пат кон подобра финансиска иднина, но алтернативите ни се многу ограничени. Фамозните започнувања на сопствени бизниси и иновации се двигатели кои масовно имаат успеано само во САД и, до ограничена мера, во држави како Израел, Обединетото Кралство и Шведска. Во сите овие случаи постојат институционални, историски, социјални и културолошки фактори кои речиси е невозможно да се реплицираат, особено за брз период како што бараме.

    Нашите очекувања мора да ги соочиме со математичката реалност и да не бараме финален продукт ако не сме подготвени да ја платиме цената.

    Пишува: Иван Трајковски

    (Ставовите и мислењата изнесени во овој текст се лични ставови на авторот)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично