Многу жени во јавниот сектор, но малку на раководни позиции. Од вкупно 110.885 вработени во администрацијата, 57,5 отсто се жени, но управувањето, директивите и одлучувањето се во рацете на „посилниот“ пол. Светлото во тунелот на половите разлики доаѓа од Собранието, но состојбата во Владата е речиси тврдокорно машка.
Државните ревизори утврдиле – поголемата застапеност на жените во јавниот сектор не се преточува и во еднаков пристап до позициите на одлучување:
„Жените се мнозинство меѓу вработените во јавниот сектор, но не и на позициите на кои се носат одлуките. Иако со 39,2% учество во 2024 година државата има релативно висока застапеност на жените во Собранието, во Владата тие учествуваат со само 15%, а од 58 лица именувани на лидерски позиции од страна на Собранието, само 16 се жени“.
Наодите произлегуваат од извршената ревизија на успешност на тема „Жени лидери – жени во политиката, Собранието, на раководни функции во органи на централна власт“. Државниот завод за ревизија утврдил дека „не се воспоставени ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерски позиции и на раководни функции во органите на централната власт“. Со ревизија е опфатен периодот од 2020 до 2024 година, а одредени прашања и настани „се следени и до денот на известувањето“.
Жените најдобро котираат во законодавниот дом, иако досега ниту една не дошла до позицијата претседател – од 2007 до 2024 година учеството на пратеничките се движи од 30 до 43 отсто, а во 2024 година е 39,2 отсто. Оттаму македонскиот парламент е прв во регионот, а има и голема предност во однос на земји од ЕУ, констатираат ревизорите, но појаснуваат дека законски задолжителната квота за помалку застапениот пол има ефект врз учеството на жените во Собранието:
„Со овој процент државата има повисока застапеност на жените во парламентот од 83% од земјите членки на Европската Унија, а во однос на земјите од регионот кои не се членки на ЕУ е на прво место. Сепак од конституирањето на првото Собрание во 1991 година до 2024 година, ниту една жена не е избрана за претседател на Собранието. Во актуелниот парламентарен состав има една жена потпретседател, а со Деловникот од 2023 година е воведена позитивна мерка со која најмалку еден од потпретседателите треба да биде од помалку застапениот пол“.
Во извршната власт, состојбата е поинаква, констатираат државните ревизори. Од 2014 до 2024 година учеството на жените во Владата како министерки е во опсег од 14 до 31 отсто. Како заменик-министерки процентот се движи од 7% до 25%, а како државни секретари од 6% до 31%. Во актуелниот владин состав пак, со мандат од 2024 до 2028 година, од 20 министри со ресор само 3 се жени, односно 15 отсто. А, пак, во најтесниот круг на премиерот нема вицепремирка, туку сите петмина се вицепремиери.
„Законот за Владата и Деловникот не предвидуваат родов баланс при предлагањето и именувањето на министрите. За разлика од парламентот, каде постои правно обврзувачка квота, составот на извршната власт зависи од предлогот на мандаторот“, велат ревизорите.
Исто така, во извештајот наведуваат дека ревизијата утврдила недостиг од унифицирани механизми за избор и именување на лица на раководни функции во органите на централната власт. Именувањето се врши согласно различни закони, а во дел од постапките изборот се спроведува на затворени седници, што влијае врз транспарентноста на процесот:
„Уште во 2019 година бил изработен предлог закон со кој треба да се уреди високата раководна служба, постапката за избор и пополнување на високите раководни места, одговорноста и управувањето со учинокот на високите раководители.
Во мај 2026 година до Собранието е доставен Предлог на закон за високи раководители, кој предвидува еднаков пристап до функциите, избор според заслуги и професионално, транспарентно и непристрасно именување. Предлогот предвидува и грижа за родова еднаквост врз основа на стручност и компетентност“.
Принципот за родова еднаквост, истакнуваат ревизорите, не е обезбеден ниту во институциите каде што раководни лица именува Собранието. Се работи за Владата и дел од ресорните министерства, а се додава дека наспроти тоа, принципот е застапен кај дел од именувањата во надлежност на претседателот на државата.
Ревизорскиот извештај посочува дека Стратегијата за родова еднаквост 2022–2027 предвидува еднакво учество на жените во политичкиот и јавниот живот, но недостигаат прецизни индикатори, конкретни мерки и механизми за следење. Воедно, во периодот 2022–2025 не биле идентификувани обуки конкретно насочени кон жени лидери, а како сериозна пречка се посочува и говорот на омраза, особено онлајн:
„Како значаен ризик за учеството на жените во политиката и на високи раководни функции ревизијата го издвојува говорот на омраза, особено во онлајн просторот. Говорот на омраза е една од најголемите пречки за учество на жените на високи раководни функции, бидејќи има негативно влијание врз нив и врз членовите на нивните семејства и може да ги одврати од прифаќање раководна функција.
Создавањето сигурна средина за учество на жените во јавниот, политичкиот и професионалниот живот е предуслов за демократско управување и квалитетни јавни политики“, истакнуваат ревизорите и препорачуваат појасни и мерливи мерки, подобра институционална координација, зајакнување на лидерските капацитети и побезбедна средина за жените на високи функции.
И без ревизорските наоди јасно е дека во Македонија половите поделби се мошне видливи на сите нивоа – работни места, раководни функции во политичкиот и во деловнот сегмент, разлики во плати… Наспроти тоа, познат е случајот на Исланд по кризата од 2008 година, кога повеќе жени дојдоа на клучни позиции, меѓу нив и премиерката Јохана Сигурдардотир. По длабокиот економски и финансиски пад, Исланд се врати на раст во 2011 година, а неговото закрепнување често се посочува како пример за поинаков, повнимателен – женски пристап кон управувањето.
М.А.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








