
Во современото банкарство количината на податоци постојано расте, но клучниот предизвик повеќе не е само нивното собирање, туку создавањето точна и доверлива основа за деловно одлучување.
На оваа тема на Finelevate Digital Summit 2026 зборуваше Деспина Стојанов, Managing Data Consultant во AXM365, која го претстави концептот на управувано самостојно известување и можностите што тој ги отвора за банкарските тимови. Станува збор за пристап што им овозможува на вработените самостојно да доаѓаат до потребните информации и да работат со нив, додека банката ги задржува квалитетот, точноста и контролата врз податоците.
„Наместо за едно прашање да добиете три различни одговори од три различни сектори, можете еднаш да ја дефинирате метриката и потоа да ѝ верувате насекаде“, посочи Стојанов.
Во практика, тоа значи дека показателите не треба постојано да се креираат одново во различни сектори и табели. Еднаш утврдените метрики можат повторно да се користат низ целата организација, со што се намалува ризикот од различни верзии на истиот податок. Посебно значење има и пристапот до информациите. Иако деловните корисници добиваат поголема самостојност, секој од нив ги гледа само податоците што му се достапни согласно неговата улога и овластувања. Наместо важните информации да остануваат распределени низ бројни Excel-табели или корисниците да зависат од други тимови за добивање извештаи, клучните податоци можат да бидат централно дефинирани, сертифицирани и управувани.
„Идејата е да преминеме од „ќе му испратам е-пошта на тимот“ до „само ќе прашам““, рече Стојанов.
Преку Power BI апликацијата, корисниците можат директно да поставуваат прашања и побрзо да доаѓаат до потребните информации, без дополнителни барања, чекање одговор од друг сектор или рачно префрлање податоци од еден документ во друг. Дополнителна предност е што ваквиот пристап не бара сложена техничка обука за деловните корисници. Технологијата останува во заднина, додека тие добиваат поедноставен и побрз начин да стигнат до релевантните информации.
Суштината на моделот претставен на Finelevate Digital Summit 2026 е различните тимови во банката да работат врз иста, доверлива основа на податоци и полесно да ги користат во секојдневното работење, а AI да биде алатката која времето на чекање во денови, ќе го намали во минути.
Аналитика








