
Човештвото доби уште едно око во вселената, но овојпат не станува збор само за телескоп што ќе гледа подалеку. Новиот вселенски телескоп на НАСА, „Ненси Грејс Роман“, е создаден да гледа пошироко, побрзо и да состави огромна карта на Универзумот каква што досега не сме имале.
Телескопот успешно беше лансиран од Флорида со ракетата „Фалкон Хеви“ на „СпејсИкс“ и сега патува кон својата работна позиција, на околу 1,6 милиони километри од Земјата.
Од таму ќе почне една од најамбициозните астрономски мисии на НАСА во последните години.
„Роман“ ќе бара нови планети надвор од нашиот Сончев систем, ќе набљудува црни дупки, супернови и милијарди галаксии, но ќе се обиде да помогне и во одговорот на едни од најголемите нерешени прашања на модерната наука – што се темната материја и темната енергија и зошто Универзумот се шири на начинот на кој го набљудуваме.
Мисијата вреди повеќе од 4 милијарди долари, а првите научни снимки се очекуваат во 2027 година.
Главната предност на новиот телескоп не е само во тоа колку далеку може да гледа, туку колкав дел од небото може да опфати одеднаш. Според НАСА, неговото видно поле е околу 100 пати поголемо од она на „Хабл“ и „Џејмс Веб“.
Тоа суштински го менува начинот на кој може да се истражува вселената.
Ако „Хабл“ е извонредно прецизна камера насочена кон релативно мал дел од небото, „Роман“ треба да работи повеќе како космички панорамски апарат – да собира огромни количества информации од широки области и да им овозможи на научниците да ги забележат и најретките појави.
Според проценките на НАСА, телескопот ќе може да открие илјадници супернови, десетици илјади планети и да набљудува милијарди галаксии и десетици милијарди ѕвезди.
Некои проценки одат и подалеку – мисијата би можела да помогне во откривање на десетици илјади, па дури и до 100.000 нови егзопланети, односно светови што орбитираат околу други ѕвезди.
Токму тука „Роман“ влегува и во едно од најстарите човечки прашања: дали сме сами во Универзумот?
Со откривање нови планети и анализа на нивните карактеристики, научниците ќе можат подобро да проценуваат колку чести се световите што би можеле да имаат услови погодни за живот.
Но, можеби највпечатливата бројка кај „Роман“ не е бројот на планети што може да ги открие, туку количината информации што ќе ја испраќа на Земјата.
Се очекува телескопот да создава повеќе од 500 терабајти податоци годишно. За споредба, „Хабл“, кој е во вселената од 1990 година, во повеќе од три децении собрал околу 400 терабајти.
Со други зборови, „Роман“ за една година би можел да произведе повеќе податоци отколку „Хабл“ во речиси целата своја досегашна мисија.
Уште поилустративна е споредбата со брзината на набљудување. Истражување на одреден дел од небото што на „Хабл“ би можело да му одземе исклучително долг период, „Роман“ ќе може да го направи за драматично пократко време.
Токму големото видно поле може да биде неговата најсилна страна. Наместо астрономите однапред да знаат точно каде да бараат нешто интересно, телескопот ќе може систематски да пребарува огромни области од небото и да го пронајде она што научниците не знаеле дека треба да го бараат.
Ретки експлозии, необични галаксии, далечни планети или феномени што воопшто не се вклопуваат во постојните теории би можеле да се појават меѓу милијардите објекти што „Роман“ ќе ги следи.
Но, телескопот има уште една голема задача.
Научниците сакаат со него да создадат огромни тридимензионални карти на распределбата на галаксиите низ различни периоди од историјата на Универзумот. Од тие карти ќе можат да следат како космосот се ширел и како големите структури се формирале во текот на милијарди години.
Токму тие податоци треба да помогнат во истражувањето на темната материја и темната енергија.
Ниту едната ниту другата не можеме директно да ги видиме, но нивното влијание е огромно. Темната материја се открива преку нејзиниот гравитациски ефект, додека темната енергија се поврзува со забрзаното ширење на Универзумот. Заедно, според современите космолошки модели, тие сочинуваат околу 95 проценти од содржината на Универзумот.
Тоа значи дека сè што директно го гледаме – ѕвездите, планетите, галаксиите, Земјата и ние самите – претставува само мал дел од космосот.
И токму тој невидлив дел треба да биде една од главните мети на новиот телескоп.
„Роман“ ќе работи паралелно со „Хабл“ и со „Џејмс Веб“, но нема едноставно да ги заменува. Трите телескопи имаат различни силни страни и, комбинирани, ќе им овозможат на астрономите ист објект или појава да го истражуваат на различни начини.
Мисијата има планиран примарен работен век од пет години, со амбиција телескопот да остане активен околу една деценија. Но, зад технологијата има и силна симболика.
„Ненси Грејс Роман“ е првиот вселенски телескоп на НАСА именуван по жена.
Ненси Грејс Роман беше првиот главен астроном на НАСА и една од првите жени на висока раководна функција во американската вселенска агенција. Работеше во НАСА во 1960-тите и 1970-тите и одигра клучна улога во создавањето поддршка за проектот од кој подоцна ќе произлезе „Хабл“.
Поради тоа остана запаметена и како „мајката на Хабл“. Повеќе од половина век подоцна, телескопот што го носи нејзиното име оди уште еден чекор понатаму.
Наместо да фотографира само поединечни спектакуларни делови од космосот, „Роман“ треба да создава негови огромни панорами – и во тие милијарди ѕвезди и галаксии можеби да ги пронајде токму оние појави за кои денес сè уште не знаеме дека постојат.
Аналитика








