ПОВЕЌЕ

    КОСОВСКИ БИЗНИСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР ‒ СПАР доминира и по промет и по профит

    Време зa читање: 5 минути

    Косовскиот капитал во Македонија направи 265 милиони евра приход – пет компании носат 86 насто од прометот

    Приход од 265,1 милион евра оствариле компаниите со целосен косовски капитал чиишто службени адреси се во Македонија. Иако вкупниот промет е намален за 2,37 насто во однос на 2024 година и тогашните 271,5 милиони евра, профитот не опаднал, туку пораснал за 2,05 насто, од 9,1 на 9,3 милиони евра.

    Со овие бројки се опфатени 276 трговски друштва, кои лани имале малку помала продажба, но успеале да ја задржат, па дури и благо да ја зголемат заработката. Вкупната профитна маржа се подобрила од 3,35 на 3,51 насто, покажува анализата на Пари изработена врз основа на податоците од базата на Бизнис Мрежа.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПРИХОДИ ОД 3,6 МИЛИОНИ ДО 111,7 МИЛИОНИ ЕВРА

    Градежници, транспортери, трговци на големо и на мало со храна, дрва, струја, текстил, поштенски и угостителски услуги итн. ‒ косовскиот капитал е влезен и се оплодува во повеќе дејности. Но, не им оди на сите како на првите 10 компании што генерираат приход од 228,2 милиони евра, или 86,1 насто од вкупниот промет. Во 2024 година, во овој сегмент резултатот се мерел со 211,6 милиони евра, што значи дека нивниот заеднички приход пораснал за 7,85 насто, иако на ниво на целата група е забележан пад.

    Износите почнуваат од под 4 милиони евра, а го надминуваат прагот од 110 милиони. Сопственик на најголемиот остварен промет повторно е СПАР Нортх Македонија. Компанијата, која е наследник на мрежата на Кит-Го во сопственост на Вива Фреш, лани инкасирала 111,7 милиони евра, а тоа е за околу 12 милиони евра, односно за 12,04 насто повеќе во споредба со 2024 година. Воедно, само оваа компанија држи 42,1 насто од вкупниот приход на споменатите 276 друштва со целосно косовски капитал.

    Интересен факт е што годинава на 14 март трговскиот бренд СПАР го најави отворањето на своите први продавници, но според финансиските извештаи СПАР Нортх Македонија работела долго пред тоа, и тоа успешно.

    Следната на оваа листа, Апетит Груп, има речиси четирипати понизок промет. Од трговијата на големо со месо и риба лани биле обезбедени 30,2 милиони евра. Притоа, постигнат е раст од безмалку 23,5 насто.

    Приходот на Екс Фис Македонија од 24,4 милиони евра е речиси непроменет во однос на 2024 година. Проследен е со минимален пад од 0,32 насто. Компанијата е дел од групацијата Ex Fis, која работи со нафтени деривати и горива.

    Рецкосс-Транс има 20 милиони евра приход, но пад од 8,09 насто, додека Вива Фреш Сторе со 11,6 милиони евра е во плус од 13,13 насто.

    Ресторанските активности го стимулирале највисокиот регистриран раст на приходот од 15 насто кај Кан Интернатионал, а се издвојува и Елкос Гроуп од дејноста неспецијализирана трговија на мало претежно co храна, пијалаци и тутун, со зголемувањето од 14,9 насто.

    Сепак, најголем процентуален скок од 97,62 насто има кај компанијата што исто така се занимава со храна, пијалаци и тутун, но на големо ‒ Деволи Гроуп. Приходот се удвоил, од 1,8 на 3,6 милиони евра.

    Најголем пад, пак, има Ескаватори-МК. Приходот на компанијата што изведува автопати и патишта е преполовен, од 10,1 на 5,6 милиони евра, т.е. намален е за 44,62 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    10 КОМПАНИИ СО ДОБИВКА ОД 6,9 МИЛИОНИ ЕВРА

    Најпрофитабилните десет компании имаат заедничка добивка од 6,94 милиони евра. Тоа е приближно 74,6 насто од целата добивка на 276 компании. Притоа, доминираат сумите изразени во илјадници евра. Само две имаат добивка во милиони евра.

    И во овој дел на лидерската позиција е СПАР со заработката од 2,5 милиони евра. Меѓутоа, за разлика од приходот, профитот на компанијата е намален за 9,69 насто.

    Апетит Груп е на второ место со 2 милиони евра профит и раст од 4,97 насто. Овие две компании заедно заработиле околу 4,5 милиони евра, односно речиси половина од вкупната добивка на 276-те компании.

    На третото место е Future Energy Trading and Exchange Dynamics – подружница во Македонија, со 509,8 илјади евра добивка. Но, и покрај тоа, сметката на оваа фирма е блокирана.

    Потоа следуваат Сарајева Стеак Хаус, со 404,9 илјади евра, и Екс Фис Македонија, со 398,9 илјади евра.

    Кога се зборува за процентите, забележлив е примерот на Мик-Мик, чијашто добивка пораснала од 55,3 илјади (2024 година) на 224,9 илјади евра и се зголемила повеќе од четирипати, односно за 306,7 насто.

    Падот кај приходот се прелеал и кај добивката. Профитот на Ескаватори-МК е намален за над 58 насто. Опаднал од 570 илјади евра на 239,1 илјада евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Според структурата на најголемите компании, трговијата е главниот канал преку кој косовскиот капитал остварува бизнис во Македонија: СПАР и Вива Фреш работат во малопродажба на храна и производи за широка потрошувачка, Елкос исто така е во малопродажба, Апетит во големопродажба со месо, а Деволи Груп во големопродажба со храна. Како што се одвиваат работите околу Тинекс, во догледно време на македонскиот пазар на голема врата ќе влезе уште еден голем косовски играч.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично