Добро оди работата во Витаминка во годината кога прилепската компанија го одбележува седимдеценискиот јубилеј. Производителот на „Стоби флипс“, „Брилијант“, „Цевитана“, „Чоко Стоби“, „Витанез“ и низа други прехранбени производи во првите шест месеци остварил приходи од 35,4 милиони евра и добивка од 805,3 илјади евра добивка. Полугодишните резултати се проследени со раст.
Зголемувањето кај приливите е поддржано од продажбата на производи и услуги од основната дејност со достигнати 35 милиони евра. Од нив, 20,9 милиони евра се реализирани на домашниот пазар, а 14,1 милион евра на странските пазари.
Компанијата има долга традиција. Основана е во 1956 година како фабрика за производство на мелен црвен пипер, а со текот на децениите прерасна во голем прехранбен производител со присуство и надвор од домашниот пазар. Денес, околу 47 отсто од годишното производство се пласира во околу 30 земји во светот.
Во првите шест месеци приходите пораснале за 11 насто, но процентот превагнал кај трошоците – 15 насто. Вкупните консолидирани расходи се во износ од 34,6 милиони евра.
Од Витаминка посочуваат дека врз трошоците влијаеле повеќе чинители, но тоа не го почувствувале купувачите – определбата да не се зголемуваат продажните цени била дел од стратегијата за зачувување на конкурентноста и пазарниот удел. Тоа има своја цена и во однос на планот. Остварените приходи се 79 отсто од планираните 44,6 милиони евра.
Во тој период продолжил и инвестицискиот циклус во компанијата. Во првото полугодие вложила околу 1,1 милион евра во основни средства. Меѓу инвестициите се нова производна опрема, недвижен имот за проширување на капацитетите, автоматска линија за пакување на меки кекси, дополнителни автоматски пакувачки машини, како и проектирање и изградба на нова лабораторија. Дел од вложувањата се насочени и кон енергетската ефикасност и зелената транзиција, вклучително и батериски системи.
Инвестициите и потребата од дополнителен обртен капитал, се одразиле и врз задолженоста. На крајот на јуни вкупните консолидирани обврски по краткорочни и долгорочни кредити достигнале 29 милиони евра, што е раст од 7 насто во однос на крајот на 2025 година.
На годишното собрание во мај акционерите одлучиле целата добивка од 2025 година да биде префрлена во резервниот фонд, со што компанијата ја зајакнува капиталната основа наместо средствата да ги распредели како дивиденда.
За втората половина од годината Витаминка најавува продолжување на инвестициите, подобро искористување на новите капацитети, развој на нови производи и јакнење на извозот. Посебно внимание ќе се посветува на цените на какаото, сончогледовото масло и енергенсите, бидејќи нивните движења директно влијаат врз производните трошоци.
(Фото: Витаминка – Фејсбук)
Аналитика








