ПОВЕЌЕ

    Јули ја „олади“ Берзата: Пет акции носат речиси 90 отсто од прометот

    Време зa читање: 3 минути

    По исклучително силниот јуни, кога Македонската берза живна поттикната од неколку крупни блок-трансакции, јули го донесе очекуваното смирување на тргувањето. Вкупниот промет се намали за 75,05 отсто и изнесуваше 380,5 милиони денари, односно 6,18 милиони евра. Пазарната капитализација опадна за 1,19 отсто, на 334,3 милијарди денари. Индексот МБИ10 го заврши месецот на 9.293,43 поени, што претставува пад од 2,4 отсто.

    Пет акции го држат речиси целиот пазар. Акциите на Алкалоид, Комерцијална банка, УНИ Банка, Стопанска банка Скопје и на Макпетрол – остварија вкупен промет од 292,1 милион денари или 4,74 милиони евра. Тие креирале 88,94 отсто од целокупниот промет во јули.

    Во фокусот на инвеститорите била акцијата на Алкалоид, што резултирало со месечен промет од 123,1 милион денари (2 милиони евра) и пазарен удел од 37,78 отсто. Во текот на јули се истргувани 5.361 акција преку 468 трансакции, по просечна цена од 22.957,10 денари, при распон од 22.300 до 24.500 денари.

    Како и претходно во јуни, така и во јули акцијата на Комерцијална банка ја отстапи лидерската позиција. Низ 459 реализирани трансакции сопственик смениле 4.390 акции, по просечна цена од 25.916,08 денари, додека во текот на месецот движењата биле од 25.200 до 26.700 денари. Прометот е во износ од 113,8 милиони денари (1,8 милиони евра) со учество од 34,92 отсто.

    Меѓу најликвидните е и акцијата на УНИ Банка со промет од 34,4 милиони денари (557 илјади евра) и удел од 10,55 отсто. Истргувани се 4.977 акции преку 62 трансакции. Притоа, цената била во опсег од 6.500 до 6.960 денари, со просек од 6.905,80 денари.

    Солидно тргување е забележано со акцијата на Стопанска банка Скопје, со промет од 11,3 милиони денари (183,7 илјади евра). Износот зафаќа 3,48 отсто од прометот. Во 70 трансакции се истргувани 5.754 акции, по просечна цена од 1.967,40 денари. Вредноста на оваа акција опаѓа неколку месеци наназад, а во јули се движела меѓи 1.900 и 2.000 денари.

    Меѓу петте најтргувани е и Макпетрол, иако биле продадени само 87 акции во 36 трансакции. Поради високата цена на акцијата, прометот достигнал 9,54 милиони денари (155 илјади евра), со учество од 2,93 отсто. Просечната цена изнесувала 109.649,26 денари, а тргувањето се одвивало во гранците од 107.000 до 111.999 денари.

    Меѓу сите осипувања забележани на Македонска берза во јули е и бројот на трансакциите. Намален е за 7,21 отсто – на 1.352.

    Кај класичното тргување е регистриран пад од 11,45 отсто и износ од 335,4 милиони денари. Притоа, прометот со акции се намалил за 13,06 отсто, на 328,4 милиони денари. Воедно, вредноста на блок-трансакциите паднала за 96,06 отсто, од јунските 1,15 милијарди денари на 45,1 милион денари. Но, тргувањето со обврзници се зголемило – за високи 605,5 насто и достигнало до 6,97 милиони денари.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично