Владата и АД ЕСМ се во сериозни разговори со потенцијални големи светски финансиски институции, од типот на Светска банка и на Европската инвестициска банка за реализација на проектот Чебрен и Галиште. Како што изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање, тие би требало да направат своевиден синдикат, да обезбедат буџет, па на тој начин државата да го развива концептот.
Тој нагласи дека со проектот Чебрен и Галиште драматично ќе се зајакне стратешката позиција на државата од аспект на климатските промени, потребата за вода, туризмот и производството на електрична енергија.
„Јас сум убеден дека овој проект Чебрен и Галиште има стратешко значење, не само заради производство на електрична енергија, туку и за други намени. Да споменам дека во април оваа година за првпат по не знам колку време, производството на електрична енергија покрива 88,8 отсто од вкупниот конзум кај нас. Значи, се приближуваме веќе до целосно да можеме да го покриваме она што го трошиме од аспект на електрична енергија, а рековме цел на оваа влада е во мандатот да имаме година кога ќе бидеме нето-извозник, на крај на годината кога ќе се сумираат билансите, тоа што сме го произвеле и тоа што сме го консумирале и тоа што сме го извезле да биде споредливо, односно да извезуваме електрична енергија“, рече Мицкоски.
Чебрен и Галиште се предизвик на за државата, при што постојат два концепти, наведе Мицкоски:
„Она што за нас преставува вистински предизвик и се спремаме, тоа е проектот Чебрен и Галиште и тука имаме два концепти кои се спротивставени од правна гледна точка, инаку во суштина не се. Првиот, ние да направиме синдикат на заемодаватели, меѓународни финансиски институции кои ќе обезбедат пари со доволен грејс период додека трае градбата, и потоа во одреден период да почнеме со поврат, односно АД ЕСМ. И вториот концепт, е да одиме со јавно приватно партнерство. Лично и како човек од фелата и универзитетски професор, а сега и претседател на македонската Влада, ценам дека за првиот концепт треба да ги исцрпиме сите можности за да го реализираме, имајќи ги предвид климатските промени ценам дека не само на нас како држава и на регионот ни се потребни два вакви сериозни проекти кои ќе обезбедат дополнителни количини на вода, не само за производство на електрична енергија, туку и за наводнување да речеме на Тиквешко Поле. Ценам дека еден ваков проект повеќенаменски може да придонесе многу, трето да го заживее тој крај, Мариово може да се развива како туристички центар. Така што овој проект Чебрен и Галиште треба да се гледа како стратешки проект, а не како проект за енергетика и производство на електрична енергија, тоа е така се сложувам, ќе биде драјвер на економијата, ќе придонесе во БДП, 1,3 милијарди до 1,5 милијарди евра отприлика очекуваме да чини, ќе го подобри капацитетот на електроенергетскиот систем“.
Аналитика








