
Цената на златото падна под психолошката граница од 4.000 долари за унца, достигнувајќи најниско ниво од ноември минатата година. Овој пад ги отвори дилемите дали започнува подолг период на слабеење на благородниот метал или, пак, станува збор за привремена корекција пред нов раст.
Во средата, спот-цената на златото се спушти на околу 3.984 долари за унца, што е речиси 30 проценти под рекордното ниво достигнато во јануари. Причина за притисокот врз цената се зајакнувањето на американскиот долар и очекувањата дека Федералните резерви повторно би можеле да ги зголемат каматните стапки во текот на годината.
И покрај ваквиот развој, дел од аналитичарите сметаат дека нема причина за паника.
Пол Вилијамс, извршен директор на компанијата Solomon Global, вели дека ваквите падови не се ништо необично за пазарот на злато и дека историјата покажува оти по големите корекции често следуваат нови рекордни вредности.
„Во 70-тите години од минатиот век цената на златото падна за околу 45 проценти, а потоа достигна историски максимум во 1980 година. Слично се случи и за време на финансиската криза во 2008 година, кога цената се намали за околу 30 проценти, пред повторно силно да порасне и во 2011 година да постави нов рекорд“, потсетува Вилијамс.
Според него, инвеститорите не треба да се фокусираат само на дневните осцилации, туку на причините поради кои воопшто инвестираат во злато.
„Клучните фактори што ја поддржуваат цената на златото не исчезнаа. Централните банки и натаму купуваат злато, геополитичката неизвесност останува висока, а јавниот долг во многу земји продолжува да расте. Ова се причини што и понатаму го прават златото привлечно за долгорочните инвеститори“, вели тој.
Дополнителен притисок врз цената создаваат очекувањата дека американската централна банка би можела да започне нов циклус на зголемување на каматните стапки веќе во септември. Повисоките камати обично ја намалуваат привлечноста на златото, бидејќи тоа не носи каматен принос.
Сепак, и покрај актуелниот пад, цената на златото и натаму е речиси 20 проценти повисока отколку пред една година.
Сличен став има и Џери Прајор, директор на хеџ-фондот Mount Lucas Management, кој смета дека сегашното намалување претставува добра можност за купување, а не почеток на долгорочен пад.
Тој очекува цената краткорочно да остане под притисок, но верува дека со обновување на купувањата од страна на централните банки и стабилизирањето на пазарите, побарувачката повторно ќе се зголеми.
„Ова повеќе личи на пауза во долгорочниот тренд на раст отколку на почеток на нов мечкин пазар“, оценува Прајор.
Иако дел од големите банки на Волстрит веќе ги намалија своите прогнози за цената на златото, многу аналитичари сметаат дека историското искуство покажува дека силните корекции не мора да значат крај на растот. Напротив, тие често биле вовед во нов нагорен циклус.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








