ПОВЕЌЕ

    МИЦКОСКИ НА САМИТ ЕУ – ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ТИВАТ: Проширувањето повторно во фокусот на Европа

    Време зa читање: 3 минути

    ТИВАТ – Лидерите на Европската Унија и на шесте земји од Западен Балкан денеска се собираат во Тиват, Црна Гора, на самит посветен на европската интеграција на регионот, во период кога Брисел се обидува да испрати порака дека политиката на проширување повторно добива силен замав.

    Пленарната сесија на Самитот е планирана за 12:00 часот, објави Европскиот совет.

    На самитот, чиј домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ ќе учествуваат повеќе од 30 европски и регионални лидери, меѓу кои и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен,претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола, како и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.

    На Самитот Европска Унија- Западен Балкан ќе присуствува и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски.

    Со собирот ќе претседава Кошта, кој претходно имаше мини турнеја во земјите од Западен Балкан.

    Главната тема на средбата е „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“, а во фокусот ќе бидат процесот на проширување, постепената интеграција на земјите од регионот во единствениот европски пазар, како и спроведувањето на Планот за раст на Западен Балкан.

    Според најавите од Брисел, лидерите ќе разговараат за конкретни придобивки за граѓаните на регионот, вклучително и напредокот кон укинување на роаминг-трошоците меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, што се смета за еден од највидливите чекори кон поблиска интеграција.

    Самитот се одржува во време кога Европската Унија настојува да ја зацврсти својата улога на Балканот, во услови на засилено геополитичко влијание на Русија и Кина во регионот. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во пресрет на состанокот порача дека проширувањето претставува „стратешки интерес за Европа“ и инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на континентот.

    За Македонија, самитот доаѓа во период на застој во пристапните преговори поради нерешените прашања со Бугарија, додека Црна Гора и Албанија и натаму важат за најнапредни кандидати за идно членство во Унијата.

    Поради големиот број високи гости, во Тиват и поширокиот регион се воведени засилени безбедносни мерки. Ангажирани се околу 1.500 полицајци, а дел од сообраќајниците и јавните простори се под посебен режим на движење.

    Од денешниот самит не се очекуваат конкретни одлуки за нови членства, но Брисел сака да испрати јасна порака дека европската перспектива на Западен Балкан останува отворена и дека регионот останува важен дел од идната архитектура на Европската Унија.

    Што се однесува до официјалниот дел од Самитот, пристигнувањето на официјалните лица е планирано во 11:00 часот.

    Заедничка фотосесија на официјалните лица е планирана за 13:30 часот, по што ќе следи работен ручек, кој треба да започне во 14:00 часот.

    Заедничка прес-конференција на претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен е планирана за 15:30 часот и ќе биде емитувана во живо на веб-страницата на ЕУ.

    Изјави за печатот и брифинг по Самитот се планирани за 16:00 часот.

    Синоќа, пред Самитот, лидерите на ЕУ и регионот присуствуваа на вечера по повод 20-годишнината од обновувањето на независноста на Црна Гора.

    Европскиот совет претходно објави дека Тиватскиот самит ќе биде можност да се потврди дека ЕУ е примарен и најсигурен партнер на балканските земји. Во соопштението на Европскиот совет се наведува дека ЕУ и регионот се „партнери, сигурни соседи и пријатели“ кои делат „вредности и историја“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично