
Една обврзница во вредност од пет милиони евра ќе издаде ПроКредит банка. Наменета е за институционалниот германски инвеститор ПроКредит Холдинг АГ од Франкфурт. Дозвола за емисијата доби на денешната седница што ја одржа Комисијата за хартии од вредност.
„Комисијата за хартии од вредност донесе Решение со кое на ПроКредит Банка АД Скопје ѝ даде одобрение за издавање долгорочни хартии од вредност по пат на приватна понуда. Се работи за прва емисија на една перпетуална обврзница со поединечна и вкупна номинална вредност од 5.000.000 евра, односно 308.475.000,00 денари.
Продажната цена нa перпетуалната обврзница е еднаква на номиналната и се нуди по цена од 5.000.000 евра. Перпетуалната обврзница е наменета за познат купувач – институционалниот инвеститор ПроКредит Холдинг АГ, Франкфурт, Сојузна Република Германија“, информираат од КХВ.
Со средствата од оваа емисија Банката ќе ја зголеми сопствениот капитал:
„Во согласност со одлуката од Собранието на акционери на Банката, обврзницата што се издава е субординирана, необезбедена, пренослива и без рок на доспевање. Издадениот капитален инструмент ќе се користи како додатен основен капитал на банката и произлегува од потребата за континуирано зголемување на капиталот во корелација со проектираниот раст на активата, зголемените капитални барања од регулаторот и стратегиската оптимизација на структурата на капиталот“.
Аналитика








