
Европската Унија прави нов чекор кон регулирање на вештачката интелигенција, но овојпат со фокус на помалку бирократија и повеќе простор за иновации. Европскиот парламент и Советот на ЕУ постигнаа политички договор за поедноставување на правилата поврзани со вештачката интелигенција, со цел компаниите полесно да ги применуваат новите европски закони, а истовремено да се задржи заштитата на граѓаните.
Станува збор за измените во рамки на таканаречениот „Дигитален омнибус за вештачка интелигенција“, предложен од Европската комисија пред само пет месеци како дел од пошироката стратегија за зајакнување на конкурентноста на европската економија.
Новите правила носат јасен распоред за тоа кога ќе почнат да се применуваат обврските за системите со висок ризик. Вештачката интелигенција што се користи во чувствителни области како биометрија, образование, вработување, миграција, азил и гранична контрола ќе биде регулирана од 2 декември 2027 година. За системите вградени во производи како лифтови, машини или играчки, правилата ќе важат од август 2028 година.
Од Брисел велат дека постепеното воведување ќе им даде време на компаниите и институциите да се подготват, а во меѓувреме да се развијат потребните технички стандарди и алатки за контрола.
Договорот предвидува и построги мерки за заштита на граѓаните. Ќе бидат забранети системи со вештачка интелигенција кои создаваат интимна или сексуално експлицитна содржина без согласност, како и содржини поврзани со сексуална злоупотреба на деца. Со тоа директно се таргетираат таканаречените АИ-апликации за „дигитално соблекување“ и слични злоупотреби што стануваат сè почести онлајн.
За компаниите, особено за малите и средни бизниси, новиот договор носи поедноставени процедури и помал административен товар. Дел од поволностите што досега важеле само за мали и средни претпријатија сега ќе можат да ги користат и помалите компании со средна пазарна вредност.
Дополнително, ЕУ ќе отвори повеќе регулаторни „песочници“ — контролирани средини во кои компаниите ќе можат да тестираат AI-решенија во реални услови пред тие да се пуштат на пазарот. Предвиден е и специјален „песочник“ на ниво на Европската Унија.
Европската комисија ќе добие и поголеми овластувања преку својата Канцеларија за вештачка интелигенција, која ќе има задача да надгледува дел од најмоќните AI-системи, вклучително и модели за општа намена и системи интегрирани во големи онлајн платформи и пребарувачи.
Договорот сега треба формално да биде усвоен од Европскиот парламент и Советот на ЕУ. По објавувањето во Службениот весник на ЕУ, новите правила ќе стапат во сила три дена подоцна.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








